Почина познатиот хрватски актер Божидар Алиќ, кој важеше за контроверзна личност

Фото Фејсбук

Синоќа, на возраст од 65 години, по тешко боледување почина хрватскиот актер Божидар Алиќ. Веста ја потврдила неговата сопруга.

Божидар Алиќ беше телевизиски, филмски и театарски актер. Алиќ поголем дел од својот живот го поминал на театарските даски и глумејќи во бројни телевизиски и филмски улоги.

На јавноста ѝ е најпознат по улогите во телевизиските серии „Гордоста на Раткаеви“, „Најдобрите години“, „Вила Марија“, „Обични луѓе“ и „Љубов во офсајд“. Снимил и околу илјада радио драми, а се обидел и како пејач и писател.
По дипломирањето на Академијата за драмски уметности во Загреб, заминал во Милано каде стручно се усовршувал во театарот „Пиколо“. Роден е во Загреб, во 1954 година.
Инаку, поради своите испади во јавноста, Алиќ се сметаше за една од најконтроверзните личности во Р. Хрватска. Тој силно ја поддржуваше поранешната претседателка Колинда Грабар-Китановиќ, па во една прилика истакна дека тој бил „Хрват“ и „католик“, заблагодарувајќи се на Бога што нејзината победа значела победа и над „србофилите“ и „четничките струи“.

Како што пишува хрватски Индекс, од таа изјава па сè до денес, некогаш успешниот глумец имал „дежурна улога на шовинист“ и „провокатор“, кој со своите јавни испади повеќе ја загрижувал отколку што ја шокирал јавноста.

Неговите колеги го опишувале како ексцентричен лик со кој било тешко да се соработува, но и самиот Алиќ така знаел да се прикажува во јавноста: „Имав пијанства во својот живот кога не сум спаметел околу два или три дена што сум направил,  плашејќи се дали сум убил некого или некого сум оплодил“, рекол тој на гостување во телевизијата ХРТ. Сепак, и покрај овие испади, никој не можел да му го оспори талентот кој го негувал во младоста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот