Почина основачот на Ф1 тимот Вилијамс, легендарниот сер Френк Вилијамс

Сер Френк Вилијамс повеќе од 50 години беше дел од Формула 1/ фото: EPA-EFE/Gerry Penny

Основачот на Вилијамс, кој е еден од најтрофејните тимови во историјата на Формула 1, сер Френк Вилијамс почина на 80-годишна возраст.

Вилијамс кој до септември минатата година беше на чело на британскиот тим, во петокот беше примен во болница, почина два дена подоцна.

„Денеска му оддаваме почит на неверојатно сакана и инспиративна личност. Френк ќе им недостасува на сите. Ги молиме сите пријатели и колеги да ја почитуваат желбата на семејството Вилијамс да им се овозможи приватност во овие моменти. Деталите од комеморацијата ќе бидат објавени дополнително“, соопшти тимот на Вилијамс.

Сер Френк Вилијамс повеќе од половина век работеше во Формула 1 како шеф на екипа, што го прави најдолговечен функционер во историјата на овој спорт. За тоа време водеше два тима, а вториот кој и понатаму се натпреварува под името Вилијамс под негово водство освои седум титули во конкуренција на возачи како и девет титули меѓу конструкторите.

Во 1986 година, сер Френк Вилијамс имаше тешка сообраќајна несреќа по која остана закован за инвалидска количка, но и покрај тоа остана во Формула 1.

Дури пред девет години и го предаде водењето на тимот на својата ќерка Клер која претходно му беше заменик во Ф1 тимот на Вилијамс.

Семејството Вилијамс минатата година одлучи да го продаде тимот поради финансиски проблеми, а новиот сопственик, инвестициската компанија Дорилтон Капитал одлучи да го задржи легендарното име.

Најголемите успеси Ф1 тимот на Вилијамс ги имаше во 1980-тите и 1990-тите години кога шампиони станаа Алан Џонс, Кеке Розберг, Нелсон Пике, Најџел Менсел, Ален Прост, Дејмон Хил и Жак Вилнев.

Возачите на Вилијамс остварија вкупно 114 победи, а последната беше на Пастор Малдонадо за време на трката на ГН на Шпанија во 2012 година.

Видео на денот