Почина Естер Бежерано од злогласниот женски оркестар од Аушвиц: Знаеш дека одат во гасни комори, а ти мораш да свириш

Фото: EPA-EFE / JENS BUETTBER

Естер Бежерано го преживеала Аушвиц бидејќи свирала во злогласниот оркестар за девојки. Сепак, никогаш не ја изгубила љубовта кон музиката. Цел живот се борела против фашизмот и расизмот. Естер починала на 97-годишна возраст во Хамбург, Германија.

Хелга Обенс, членка на одборот на Аушвиц, ја потврдила нејзината смрт во саботата.

„Почина во сон во раните утрински часови во еврејската болница Израел во Хамбург“, рекла Обенс за агенцијата ДПА.

Висока само 1,50 см – но со огромна енергија. Кога имала над 90 години, Естер Бежерано сè уште била на сцената – и пеела!

Нејзините настапи секогаш имале порака: никогаш повеќе расизам, никогаш повеќе антисемитизам, никогаш повеќе фашизам!

Младост во концентрационите логори

Родена на 15 декември 1924 година во Зарлуи, како ќерка на главниот кантор на еврејската заедница, Естер – во тоа време сè уште со презиме Лоеви – била дете кога националсоцијалистите ја презеле власта во Германија и ѝ го промениле целиот живот.

Шиканирањето во училиште, одвојувањето од родителите, три концентрациони логори и маршот на смртта – Естер Бежерано морала да го помине сето ова, пренесува „Дојче веле“.

Во своите „Мемоари“ напишала дека во Аушвиц, неа и другите луѓе кои истоштени, по неколкудневен транспорт, излегле од вагоните за стока, нацистите ги дочекале со зборовите:

„Значи, вие еврејски свињи, сега ќе ви покажеме што значи работа.“

Била доделена во работничката чета и морала да влече тешки камења.

Во женскиот оркестар од Аушвиц

Но, тогаш слушнала гласина: Нацистите барале девојки за оркестарот во логорот за уништување луѓе, Аушвиц Биркенау. Се пријавила, и била примена – како хармоникаш. Дотогаш, никогаш не држела хармоника во рака. Само вештината на свирење пијано, музикалноста и непоколебливата волја за преживување го направиле невозможното. А, оркестарот – тоа било чисто преживување: 40 млади жени морале да свират кога логорашите марширале кон местото каде што работеле и кога пристигнувале возови со нови – од цела Европа.

„Знаеш – сега тие одат во гасните комори, а мораш таму да стоиш и да играш“, рекла Естер Бежерано за ДВ во 2014 година.

Тоа било најлошото што го доживеала во Аушвиц.

По војната станала пејачка

По завршувањето на војната, Естер Бежерано, која претходно била депортирана во женскиот логор Равенсбрик, конечно го исполнила својот детски сон да стане пејачка.

Студирала пеење во Тел Авив, а на една турнеја го запознала таткото на своите деца. Поради здравствените проблеми на нејзиниот сопруг, таа одлучила да се врати во Германија во 70-тите, во Хамбург – свесно во град со кој во детството немала никакви врски.

Заедно со Анита Ласкер-Валфиш, Естер Бежерано долго беше една од последните преживеани од озлогласениот женски оркестар во Аушвиц.

Естер Бежерано е добитник на бројни уметнички награди.

PREŽIVELA AUŠVIC I MUZIKOM SE BORILA PROTIV FAŠIZMA I RASIZMA: Preminula Ester Bežerano                                                                     Фото: Принтскрин/Јутјуб

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот