Почина атлетичарката од Уганда, која поранешното момче ја полеа со бензин и ја запали
Маратонката од Уганда, Ребека Чептегеи (33) почина од изгореници откако ја запали нејзиното поранешно момче, пренесува „Би-би-си“.
– Ја дознавме тажната вест за смртта на нашата олимписка атлетичарка Ребека Чептегеи по насилен напад од нејзиното момче, нека ѝ почива во мир душата и најостро го осудуваме насилството врз жените – се вели во пораката на претседателот на Олимпискиот комитет на Уганда, Доналд Рукаре.
– Ова беше кукавички и бесмислен чин што доведе до загуба на голема спортистка. Нејзиното наследство ќе живее – додаде тој.
Чептегеи, која се натпреваруваше на маратонот на Олимписките игри во Париз, заврши на лекување во болницата во Елдорет, Западна Кенија, откако се здоби со изгореници на повеќе од 80 отсто од нејзиното тело, рекоа лекарите.
Еден член на болничкиот персонал во средата за АФП изјави дека нејзината состојба се влошила откако „развила бактериска инфекција и сепса“.
Според полицискиот извештај, осомничениот, идентификуван како Диксон Ндиема Марангач, влегол во имотот на Ребека Чептегеи додека таа била во црква со своите деца. Кога се вратиле од црквата ја полил со бензин и ја запалил пред очите на децата, две девојчиња на возраст од 9 и 11 години, пишува весникот „Стандард“.