Почина Аструд Жилберто, пејачката што го испеа култниот хит „The Girl from Ipanema“

Фото: Flickr/ Wikimedia Commons

Почина познатата музичарка Аструд Жилберто (83), чија интерпретација на „Девојката од Ипанема“ (The Girl from Ipanema) стана најпознатата верзија на таа песна, пишува „Гардијан“.

Соработникот на Жилберто, Пол Ричи, ја потврди тажната веста на социјалните мрежи откако синот на Жилберто, Марсело го замолил за тоа.

„Таа беше многу важен дел од сè што претставува бразилската музика и со својата енергија промени многу животи“, додал тој.

Аструд Жилберто е родена во 1940 година во бразилската држава Баија како Аструд Вајнерт, а пораснала во Рио де Жанеиро. Се омажила за музичарот Жоао Жилберто во 1959 година. Четири години подоцна, таа отишла со него во Њујорк, каде што снимала со џез-уметникот Стен Гец и ѕвездата на боса нова, Антонио Карлос Жобим.

Продуцентот барал пејачка која песната „The Girl from Ipanema“ ќе ја испее на англиски, што би и помогнало на песната да допре до американската публика. Аструд, која немала претходно искуство со снимање, била единствената личност која можела да ја изведе песната.

Оригиналната верзија била дует со нејзиниот сопруг, а Аструд не била ниту спомната на снимката, а како обештетување добила само мала сума. Но, откако песната била повторно објавена без вокалот на Жоао на португалски како соло сингл, станала огромен хит во 1964 година, достигнувајќи ги Топ 5 во САД и Топ 30 во Велика Британија.

Таа ја освоила наградата Греми за песна на годината, а Жилберто била номинирана и за најдобра женска вокална изведба. Таа година, таа и Жоао се развеле, а Аструд била на турнеја низ САД со Гец и со неговиот бенд. Подоцна изјавила дека тоа било „многу тешко време“ за неа, бидејќи била среде развод, грижејќи се за детето како самохрана мајка и започнувајќи соло кариера.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот