Почина Ахмед Куреи, поранешен премиер на Палестина и клучен преговарач со Израел

Ахмед Куреи/ Фото: LISE ASERUD / AFP / Profimedia

Поранешниот палестински премиер Ахмед Куреи, кој одигра клучна улога во склучувањето на привремениот мировен договор со Израел во 1993 година, почина на 86-годишна возраст.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас потврди дека Куреи починал.

Причината за смртта не е објавена, но познато е дека Куреи, познат по прекарот Абу Ала, веќе извесно време страдал од срцева болест.

Роден во Абу Дис, предградие на Источен Ерусалим на окупираниот Западен Брег, Куреи се приклучил на организацијата Фатах во 1968 година.

Тој брзо се издигна под водство на основачот на Фатах, покојниот палестински претседател Јасер Арафат, и стана член на централниот комитет на организацијата во 1989 година и беше член на извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО).

Куреи ја предводеше палестинската делегација во Осло, каде што се водеа преговори со Израел кои доведоа до мировни договори.

Врз основа на тие договори беше формирана Палестинската управа и беа воспоставени самоуправни области на палестинските територии.

За време на преговорите со Израелците, Куреи се сретна со сите премиери на Израел кои беа на власт до 2004 година, Јицак Рабин, Ариел Шарон, Шимон Перес, Бенјамин Нетанјаху и Ехуд Олмерт и со американските претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш.

Мировните преговори пропаднаа три децении по договорот и Израел ја засили изградбата на еврејските населби на Западниот Брег и воведе блокада на Појасот Газа, бидејќи исламскиот екстремистички Хамас ја презеде контролата врз палестинската територија од силите лојални на поумерениот Фатах.

По формирањето на палестинската управа, Куреи беше избран за пратеник на првите парламентарни избори во 1996 година и претседаваше со Палестинскиот законодавен совет.

Откако Абас поднесе оставка како прв палестински премиер во 2003 година, Арафат го замени со Куреи, кој беше премиер до 2006 година, кога Хамас извојува убедлива победа на вторите палестински избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот