Почетокот на жетвата донесе разочарување: Не ја даваме пченицата за 9 до 11 денари, велат земјоделците

Пченица / ABACA / Abaca Press / Profimedia

Светските берзи влегоа во зелено по најавата на Русија дека го суспендира учеството во иницијативата со која се гарантира безбеден извоз на житарки и вештачки ѓубрива од три украински пристаништа на Црното Море. Нашите земјоделци ги зголемија површините по пченица за ова реколта, но го одлагаат почетокот на жетвата очекувајќи поповолни вести од откупувачите

Цените на пченицата на светските берзи се обоија во зелено, откако Русија најави суспензија на учеството во иницијативата со која се гарантира безбеден извоз на житарки и вештачки ѓубрива од три украински пристаништа на Црното Море. Македонија самостојно не може да ги задоволи своите потреби од пченица, а минатогодишниот рекорден раст на житата доведоа до значителен раст на цените на храната. Владата најави дека почнува значаја земјоделска реформа со цел што е можно поголемо домашно производство на стратешките производи. Добрата вест е што за оваа реколта засеаните површини под пченица се за 13 проценти повеќе отколку што беше во минатогодишната, но лошата е што земјоделците се крајно разочарани од понудата на откупувачите.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија Перо Стојкоски вели дека со понудените цени, големите производители воопшто не размислуваат за продажба на пченицата.

– Пченица имаме, но откуп немаме. Цена од 9 денари, за нас не е откупна цена. Ние годинава имаме скап производ. Есенската сеидба со цената на нафтата и на вештачките ѓубрива, создаде скап производ. Затоа, и покрај сите мерки на Владата, пак имаме нереална помош. Со цената, пак, што ни е понудена, она што треба да биде наш ќар, сакаат да го земат производителите. Нашата математика кажува цена на леб од 33 денари, каква што имаме сега, треба да биде ако ни ја платат пченицата по цена од 14,5 денари килограм. Ако веќе ни даваат толку ниска цена за пченицата, и ако тоа е нашиот придонес за народот, тогаш и тие нека ја намалат цената на лебот 15 денари, па така заедно да му помогнеме на народот! – револтирано изјави за „Слободен печат“ Стојкоски.

Тој вели дека сега големите производители на пченица воопшто не влегуваат во нивите да почнат со жнеењето.

– Жетвата почна, но на помалите парцели. Големите производители седат и гледаат во пченицата. Еве штотуку ни заврши состанокот, а до никакво решение не дојдовме. Едноставно, затекнати сме со состојбава и не знаеме што да правиме – вели Стојкоски.

Најголемиот производител ЗК „Пелагонија“ преку соопштение алармираше дека „цената е нереално ниска и ќе доведе до колапс на домашниот сектор за производство на жито“.

– Во услови кога сточното брашно има цена од 12 денари за килограм, несфатлива и нереална е најавата од мелниците во Македонија дека пченицата од годинешната реколта ќе ја откупуваат по цена од 9, 10 и 11 денари.

Ваквата откупна цена ќе доведе до загуба на производителите на пченица, а загубата кај примарното производство значи загуба и во следната година. Земјоделецот нема да има средства за набавка на потребните репроматеријали за финансирање на следна реколта, што значително ќе се одрази и на квантитетот и квалитетот на идното производство – велат од ЗК „Пелагонија“.

Оттаму направија и пресметка колку според нив треба да биде реалната откупна цена на пченицата, и таа значајно се разликува од понудената.

– При преработка на 1.000 тони пченица, се добиваат 300 тони сточно брачно, 330 тони брашно ТИП 500 и 370 тони брашно ТИП 400 и ако на тоа се додадат трошоци за преработка на пченица и за електрична енергија, амбалажа, работна рака, како и остварување добивка, пресметките покажуваат дека откупната цена на пченицата треба да изнесува 14,42 денари за килограм – велат од ЗК „Пелагонија“.

ЗК „Пелагонија“ посочи и дека и цените на светските берзи, како и цената на пченицата во Србија со вклучен превоз, ќе донесе поголеми цени од оние што им се нудат на нашите земјоделци.

Движење на цената на пченицата. Извор: markets.businessinsider.com

Од Владата, пак, пред една недела најавија дека пред почетокот на жетвата преку измени во Програмата за директни плаќања кај мерката 7 се зголемува поддршката и се зголемува рокот за предавање во складишни капацитети на производството од пченица и јачмен, кој наместо од 1 август, ќе почнува од 15 јуни и ќе трае до 1 септември 2023 година.

„Ваквата измена е со цел да ги опфатиме и оние земјоделци што досега веќе го предале своето производство. Сите земјоделци што ќе го предадат производството на складирање заклучно со 1 септември, ќе можат да добијат финансиска поддршка за целиот период, додека количините се во складиштата, односно до крајот на годината. Преку измените кај оваа мерка се зголемува и финансиската поддршка, која од 500.000 денари се зголемува на 1.500.000 денари по корисник“, истакнуваат од МЗШВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот