Побегнатиот командант на „Вагнер“: Украинци, извинете!

Еден од поранешните команданти на руската платеничка група „Вагнер“, кој побегна во Норвешка, во интервју за Ројтерс изјави дека сака да се извини за учеството во борбите во Украина, додавајќи дека зборува за да помогне да се изведат сторителите на злосторството пред лицето на правдата.
Андреј Медведев, кој ја преминал руско-норвешката граница на 13 јануари, вели дека бил сведок на убиствата и злоупотребата на руските затвореници кои се бореле против Украинците во редовите на Вагнер.
Тој тврди дека ја преминал границата качувајќи се преку бодликавата жица и на тој начин избегнувајќи ги граничните патроли. Тој наведува дека слушнал пукање од граничари додека трчал низ шумата и преку замрзнатата река на границата меѓу Русија и Норвешка.
26-годишниот Медведев сега бара азил во Норвешка.
„Многумина ме сметаат за копиле, криминалец и убиец. Прво, сакам да им се извинам на Украинците. Иако не знам како ќе биде прифатено, сакам да кажам дека ми е жал“, изјави тој за Ројтерс.