Победи младата мајка Филимена, која ја избркаа од работа додека беше на породилно и ѝ ги бараа парите назад

Фото: Радио Слободна Европа (РСЕ)

Младата мајка Филимена Бошковска Мишевска, која доби отказ среде породилно отсуство и барање да ги врати на државата парите од породилното, извојува победа во спорот, со помош на здружението Гласен текстилец.

„По увидот од доставените списи од страна на Државниот Трудов инспекторат ја задолжил Агенцијата за вработување да направи исправка во М1/М2 образецот и да се промени основот на отказ. Односно со истек на определено време е известен и Фондот за Здраствено Осигурување за неправилностите во одјавата од страна на работодавачот, за што Филимена треба да го продолжи своето породилно одсуство и да не врати ни денар на Фондот за Здраство како што беше наложено во решението на ФЗО,“ велат од здружението.

Бошковска работела речиси до крајот на бременоста, а нејзиниот газда од компанијата „ЛДИ Димотранс Македонија-Дооел Скопје“ бил информиран дека таа ќе замине на породилно отсуство. Жената поднела документи до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за исплата на деветмесечниот надоместок за плата додека е на породилно. Таа прво се соочила со подолго доцнење на исплатата за два месеци, за откако парите конечно и легнале на сметка, да добие барање од ФЗО да ги врати назад за последниот месец, бидејќи била одјавена со отказ.

„Јас се збунив. Беше шок затоа што знам дека законски не смее да има отказ. И се јавив таму, они – тоа ти е, не можеш ништо. Секаде (ми велеа) не можеш ништо и почнав да праќам мејлови…Тоа е лавиринт. Еден ти вели повреден е Законот за работни односи, оди во Трудова(инспекција). Трудова – до тука ни се ингеренциите и заглавуваш. Добиваш совети- плати адвокати и оди на суд ќе добиеш. А поената да докажуваш право кое е основно, нема логика“, рече Бошковска кога случајот излезе во јавноста.

Од Гласен текстилец велат дека се надеваат оди и останатите институции, како што е АВРМ и ФЗО, ќе бидат претпазливи и ќе ги заштитат работниците и работничките од одредени работодавачи.

„Воедно случајот со Филимена е еден од многуте каде се укажува на потребата од заштитата на бремените жени и жените на породилно отсуство од страна на Државата“, велат од здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот