Победата и по неа

Марин Гавриловски, Фото Архива

Ќе видиме дали по поразот на агресорот и во оваа војна што денес се води во Европа, ќе одговараат пред светската јавност оние што се виновни за крвопролевањето или пак сè ќе се релативизира како последица на зависноста на Европа од руските енергенси, па животите на загинатите Украинци ќе се калкулираат во метри кубни гас.

Во понеделникот, на 9 мај се одбележа Денот на победата над фашизмот. На тој ден во 1945 година претставниците на сите три родови од германската армија, во присуство на сојузничките сили го потпишаа актот за безусловна капитулација на Хитлерова Германија и ѝ ставија крај на војната на почвата на Европа.

Оваа година, како никогаш досега, овој празник на победата над злото се слави во услови на длабока поделеност во светот, пред сè предизвикана од војната во Украина. Од една страна Русија, која злоупотребувајќи ја својата позиција на нуклеарна сила, почна воена агресија против својот сосед Украина, од друга страна Европската Унија и САД, застанаа во одбрана на суверенитетот на Украина. Агресијата беше осудена и со резолуција на Обединетите нации, донесена со огромно мнозинство. Кога овој конфликт ќе заврши, ќе се отворат прашањата за воените злосторства и репарациите што Русија ќе треба да ѝ ги плаќа на Украина за уништените градови и инфраструктура, веќе сега проценети на повеќе стотици милијарди долари. Велат, историјата ја пишуваат победниците, па така и во овој случај условите за враќање на мирот и обновата на Украина ќе ги диктира победникот.

Како беше тоа пред седумдесет и седум години, кога земјите сојузници од Втората светска војна одлучија да ја казнат нацистичка Германија? Синоним за тоа, секако, претставуваше судењето, односно судењата организирани во германскиот град Нирнберг, еден од лулките на нацизмот. Првиот од тринаесетте Нирнбершки процеси се одржа помеѓу ноември 1945 и септември 1946 година. На него беа обвинети дваесет и двајца високи функционери на Третиот рајх, од кои дванаесет беа осудени на смрт со бесење. На ова судење, за жал, не присуствуваа првите тројца највиновни за злосторствата, Адолф Хитлер, Јозеф Гебелс и Хајнрих Химлер. Првите двајца, само неколку денови пред руските трупи да го заземат Берлин извршија самоубиство, при што Гебелс, освен што го одзема својот и животот на сопругата, ги отру и своите седум малолетни деца. Додека, пак, Химлер, озлогласениот водач на СС-трупите, иако фатен од сојузничките сили, успева да проголта капсула со цијанид и на тој начин да ја заобиколи правдата. Интересно е дека наследникот на Хитлер, командантот на германската воена морнарица и последен лидер на Третиот рајх (од 30 април до 23 мај 1945 година), адмиралот Карл Дониц, бил осуден на десетгодишна робија, по што доживеал длабока старост и починал на 89-годишна возраст. Иста судбина имал и блискиот пријател на Хитлер, таканаречениот архитект на Рајхот, Албер Шпер, кој за време на војната бил и министер за вооружување и воено производство. По отслужувањето на казната и двајцата заработувале на тој начин што одржувале предавања на кои зборувале за нивните искуства за време на Третиот рајх, а ги публикувале и своите мемоари.

По главниот Нирнбершки процес биле одржани уште 12 судења на претставници на разни институции и сфери од општествениот живот на Хитлерова Германија, како, на пример, лекарите и медицинскиот персонал кои работеле во концентрационите логори, судиите и обвинителите, претставниците на администрацијата, војската и офицерите на СС трупите, како и претставници на компаниите Круп и ИГ фарбен (производители на оружје и отровниот гас што би користен при елиминација во гасните комори). Поголемиот број од обвинетите или биле ослободени или, пак, не ја одлежале целата казна и биле пуштени на слобода. Многу мал број од нив биле осудени на смрт, а пресудата им била извршена.

Неколку децении по завршувањето на војната, во јавноста се појавија детали околу таканаречената операција „Спојница“, во која, во периодот од 1945 до 1959 година, преку тајна програма се регрутирани и од Германија преселени во САД повеќе од 1.600 научници, инженери и техничари што работеле на развојот на германското вооружување во текот на Втората светска војна, од кои голем дел нацисти, па дури и функционери на Третиот рајх. Тие ќе го продолжат својот живот во САД работејќи на развојот на ракетната програма на НАСА и на американската војска.

Пандан на ова е и операцијата „Осоавиахим“ во која претставниците на НКВД (тајната советска полиција) заедно со претставници на Советската армија, преместиле повеќе од 2.200 научници (приближно 6.000 лица, вклучително и членовите на нивните семејства) од територијата на Источна Германија на територијата на Советскиот Сојуз со цел да помогнат во развојот на советската ракетна индустрија. Русите преселиле и цели фабрики и центри за развој (особено на ракетите V-2) од Германија во Русија. На тој начин, големите победници од Втората светска војна, своите интереси ги ставаат над интересите на човештвото и правдата и наместо оние што ги развиле орудијата за масовно уништување да одговараат, тие добиваат втора можност истите да ги развиваат уште повеќе и да ја зголемуваат нивната разорна моќ.

Уште еден пример, кој директно нè засегал нас, е потпишувањето на Бледскиот договор (исто така познат и како спогодба Тито-Димитров). Имено, со цел да ја зајакне и да ја прошири својата позиција како регионален лидер, Јосип Броз Тито, на 1 август 1947 година, во Блед, Словенија, склучува договор за пријателство и соработка со лидерот на бугарската држава и партија Георги Димитров. Оваа спогодба претставувала вовед во формирањето на идна балканска федерација. Бугарија го признала постоењето на македонско национално малцинство на територијата на Пиринска Македонија и се обврзала да ги унапредува и штити неговите права, а СФРЈ за возврат на тоа на Бугарија ѝ ги простила репарациите што таа требало да ги плаќа за сметка на злосторствата што ги сторила на територијата на Македонија и делови од Јужна Србија како членка на Хитлеровата коалиција за време окупацијата, во износ од тогашни дваесет и пет милиони долари (кои по денешни критериуми би вределе околу триста и дваесет милиони долари).

Идејата за балканска федерација не му се допаднала на советскиот лидер Сталин, кој не бил подготвен на Тито да му ја отстапи Бугарија, една од земјите од Источна Европа, која со фамозниот договор помеѓу Винстон Черчил и Јосиф Висерионович Сталин, напишан на салфетка за време на една нивна вечера, требала целосно да му припадне на советскиот блок. Резолуцијата на Информбирото од 1948 година става крај на оваа Титова идеја, а Народна Република Бугарија ја враќа во силната прегратка на големиот брат, чии што модринки сè уште се чувствуваат во изјавите на бугарските раководители кои како да боледуваат од Стокхолмскиот синдром и неговото одложено дејство и последици, изјавуваат дека не се подготвени да заземаат страна во конфликтот во Украина, иако Бугарија веќе повеќе години е членка на Европската унија и НАТО пактот, институции што јасно и недвосмислено ја осудија руската агресија.

По Резолуцијата на Информбирото, Бугарија го повлекува својот потпис од Блатскиот договор, освен од делот каде што е предвидено плаќањето на репарациите. Така, Бугарија покрај тоа што се нема извинето за злосторствата направени на територијата на Македонија, до ден денес, ги нема платено ниту репарациите кои се вообичаена казна за оној што во војна окупира, уништува животи и добра на туѓа територија.

Од овие примери може да се заклучи дека не секогаш правдата е задоволена кога станува збор за вакви конфликти во кои се вмешани повеќе страни и испреплетени повеќе интереси. Интерпретацијата на историските факти е растеглива работа. Што за едните било добро, за другите е лошо. Па, дури една иста работа анализирана во друг временски контекст може различно да се интерпретира. Она што е секогаш сигурно е дека големите војни носат големи жртви и разурнувања за кои се потребни децении и децении раните и болката да се залечат, а уништеното повторно да се изгради. Поразителен е фактот дека седумдесет и седум години по најкрвавиот светски судир, сè уште има луѓе што сметаат дека војната е легитимен начин на остварување на своите цели. Ќе видиме дали по поразот на агресорот и во оваа војна што денес се води во Европа, ќе одговараат пред светската јавност оние што се виновни за крвопролевањето или пак сè ќе се релативизира како последица на зависноста на Европа од руските енергенси, па животите на загинатите Украинци ќе се калкулираат во метри кубни гас.

Гледано од оваа временска дистанца, сметано од корејската војна, преку Виетнам, заливските војни и насилната смена на властите во Северна Африка и Медитеранот, искрено не верувам во можноста во блиска иднина да дојде до примена на меѓународното право и правдата како елементарна компензација на напатените земји и народи. Тоа ќе го објаснам со народната поговорка: Господ силата не ја сака, сила Бога не моли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот