Победа против Германците на германски начин

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Во Дуизбург одекна штама што нè направи горди кога веќе не е момент за славење во земјава. Штамата не беше само од празните трибини, туку и од соблекувалната на „панцерите“ кои го положија оружјето пред нашите фудбалски мајстори.

По 20 години без пораз на домашен терен во мундијалски квалификации, земјата „поим за фудбал“ и за која се измислуваат фудбалски дефиниции во средата абеше понижена од Македонија. Најголемата победа на фудбалска Македонија беше остварена со германски пристап: карактер и по примен гол, стаменост и по престрого досуден или недосуден пенал; одбрана што не паничи пред милионски скапите нозе, решителност и решеност за победа кога обично панично се чува гол за да се извлече реми во дополнително време…Со самодоверба, смиреност и упорност, но пред сè знаење и машка борба. За „панцерите“ да испаднат пацери.

Во Дуизбург одекна штама што нè направи горди кога веќе не е момент за славење во земјава додека илјада души одвај дишат со кислородна поддршка. Штамата не беше само од празните трибини, туку и од соблекувалната на „панцерите“ кои го положија оружјето. Лавот Јоаким, кој го понижи Бразил среде Бело Хоризонте со 7-1, го голтна (к)рикот пред некои други лавови во црвено. Светскиот првак четирикратен за три бода е скратен. Дома.

Таа многузборлива штама одекна и во земјава, и покрај отсуството на големо славје по улиците поради полицискиот час, што ја направи атмосферата кај нас како да не се случило ништо посебно. Македонија победи Германија на гости, а зошто да не? Па, Македонија ќе игра на Европско првенство, како и Германија. За разлика од земјите од соседството.

 

Дресот со гордост го носат Турчинот Елмас, Албанците Барди, Муслиу, Бејтулаи, Македонците Велковски, Ристовски, Николов, Трајковски, Спировски, Димитриевски… Ги предводи Горан Пандев, граѓанинот на светот. Не поради неговиот неодамна добиен италијански пасош, туку поради угледот што го ужива кај фудбалски познавачи – од Мурињо до Ангеловски. Легендата на неполни 38 години што доживува не втора, туку трета младост, мајсторот кој со таква леснотија ја протнува топката во мрежата како да е тоа наједноставната работа на светот.

Скромниот тренер Игор Ангеловски, кој го надмудри соперникот Јоаким Лев, доби лична сатисфакција. А ФФМ му дозволи да остане селектор само до Европското првенство. Иако оспоруван од корумпирани фудбалски анонимуси во врвот на Федерацијата, заштитени од уште покорумпирани европски фудбалски бирократи, со овој панцерски трофеј популарниот Мрме удри печат со гаранција за квалитет. Селекторот и капитенот Пандев можат сега гласно да кажат: еве ви го сега Муамед Сејдини!

Најголемиот дел Македонци и не знаат кој е тој Сејдини, иако е претседател на ФФМ. Како да го знаат кога фудбалското „педигре“ го градел на полјанката во Зајас. Фотелјаш кој сакаше да си ја спасува кожата со 40.000 евра награда за репрезентативците за пораз од Романија. Понудени, но одбиени од играчите, Сплотеноста во националниот дрес не се искажува само на терен. Ситниот поткуп со кој се опстојува на власт со помош на безрбетници во фудбалското Собрание не поминува секаде, особено не кај професионалци за кои настапот под државното знаме не е заради пари. Репрезентативците парите ги заработуваат крваво на друго место.

Колку сега да се награди подвигот во Германија, ако поразот во Букурешт вредеше 40.000 евра, колку што чини прошетката на членовите на Управниот одбор на ФФМ со сопругите и престојот во скапи хотели на патувањата со репрезентациите. Капитенот Пандев отворено застана против овој мизерен чин со намера да се придобијат играчите. Поткупот што им обезбедува власт не помина кај прекалените и доволно богати интернационалци за да не се продаваат за евтините финти на Сејдини, претседателот кој половично е признат од државата. Директорот на Агенцијата за млади и спорт од СДСМ, Наумче Мојсовски, не го признава изборот на првиот човек на ФФМ, но заменикот на Мојсовски, анонимен претставник на ДУИ, присуствуваше на спорното изборно собрание во знак на поддршка на Сејдини.

Конечно, тие и понатаму ќе останат небитни и анонимни, иако со полни џебови. Оние што ќе бидат запаметени се момците што се спортски настан на денот во целиот свет.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот