Победа над Израел и историско трето место за Македонија

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2020 македонската фудбалска репрезентација вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје триумфираше минимално над Израел со 1:0.

Уште во првата минута можеше да поведе нашата селекција, но топката после ударот на Барди заврши само неколку сантиметри покрај левата статива на голманот Харуш.

Веднаш во следната втора минута уште една убава можност за реализација на избраниците на селекторот Ангеловски, Елмас го погоди само израелскиот голман.

Можеше да стигне казната во 15 минута кога убава топка доби Даса кој шутираше непосредно пред петерецот, но победник во овој дуел за наша среќа беше Димитриевски кој одлично реагираше.

Четири минути подоцна една убава акција започнаа Елмас и Барди, беше пронајден младиот Костадинов чиј удар за жал не беше толку силен и топката заврши покрај голот на гостите.

Во 37 минута слободен удар за Барди кој е „специјалист“ за вакви позиции, од околу 25 метри ја погоди пречката за само воздишки на трибините, но барем го стави на тешки маки голманот Харуш. Д. Велкоски иако игра во одбраната, знае исто така да биде незгодна закана за чуварите на мрежата, шутираше за малку покрај голот.

Конечно сиот налет се исплати пред финишот на првото полувреме, после еден изведен корнер, во казнетиот простор се најде Николов кој ја казни грешката на израелскиот голман кој воедно беше блокиран, а нашиот играч го искористи моментот и шутираше во небранетиот дел за водство и голема радост на трибините (1:0).

Израелците почнаа да напаѓаат на стартот од второто полувреме, трипати шутирааа во рамките на нашиот гол, но Димитриевски не дозволуваше израмнување.

Не бевме толку опасни во нападот како во првото полувреме, тешко „доаѓаше“ тој втор погодок, за што посигурна позитива, а противниците опасно кружеа околу шеснаесетникот на македонскиот голман.

Во второто полувреме преовладуваше силен дожд што го направи теренот потежок за играчите. На крајот победа на Македонија, а убава вест дојде и од Полска каде што домаќинот славеше со 3:2 над Словенија што значеше и трето место во групата, наша најдобра позиција во историјата на квалификациите за нашата репрезентација.

Квалификации ЕП 2020

Национална арена „Тодор Проески“ – Скопје

Македонија-Израел 1:0 (1:0)

(Николов 45+2`)

Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Костадинов, Пандев (Аврамовски 79`), Ристовски. Д. Велкоски (Зајков 72`), Николов, Барди, Стојановски (Несторовски 60`), Елмас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот