По жестоките напади за дезинформации Коцарев се поправи: Се радувам што нема да се укине катедрата за македонистика

Со помирувачки тон, тој во изјава за Канал 5 дообјаснува дека сите досегашни изјави биле негови лични ставови и се радува, како што рече, дека тврдењата за укинување на катедрите се покажале како неточни.

– Се радувам што на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за Македонски јазик и книжевност. Посакувам во идните реорганизации на Факултетот рамо до рамо со различните отсеци секогаш да бидат вклучени и отсеците за Македонски јазик и јужнословенски јазици и за Македонска книжевност, како и јужнословенската. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со една единствена цел заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески, изјави за Канал 5, академик Коцарев.

А освен за викендот, реакциите за бомбастичните изјави на претседателот на МАНУ продолжија и денеска. Професорите од Катедрата при Филолошкиот факултет преку отворено писмо ги отфрлија како целосни невистини. Раководителката на Катедрата по македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, за Канал 5 вели дека нема таква опасност, а доколку некој се осмели да посегне по интегритетот на Катедрата и по јазикот, тие ќе ги бранат со сите сили.

– Нас тоа ни дојде како шок. Ако вие немате никакви сознанија за укинување на катедрите за македонски јазик и македонска книжевност, во исто време кога Филолошкиот факултет заедно со МАНУ го подготвува заедничкиот собир за чествување на Блаже Конески и одеднаш да видите по медиуми вакви изјави, тоа дојде доста изненадувачки. И затоа јас го оквалификував не само како чисти невистини туку и како манипулација, изјави проф. Пановска-Димкова за Канал 5.

Професорот Људмил Спасов, кој е и претседател на владиниот Совет за македонски јазик, уверува дека укинување на Катедрите не е можно и станува збор за недоразбирање. Сепак, Спасов признава дека се помалку студенти се запишуваат за изучување на македонскиот јазик.

– Не е можно укинување, затоа што тие Катедри се основани токму за да го афирмираат македонскиот јазик, кнуижевност и култура. Се работи за едно недоразбирање. Точно е дека се помалку и помалку студенти се запишуваат. Најпрво, се отворија повеќе Катедри за македонски јазик и книжевност низ нашата држава, се разлеаја студентите. Но, со четиригодишното подновување на програмите ќе значи и поголемо отворање на Катедрите, вели проф. Спасов за Канал 5.

Потврда за уверувањата на професор Спасов стигна и од премиерот Заев. Тој вели дека никому не му паѓа на памет да се укине катедрата за македонски јазик и нема вистина во, како што рече, лажните информации на претседателот на МАНУ.

Румена Бужаровска до Коцарев: Претседателот на МАНУ шири лажни вести

Проф. Пановска-Димкова: Коцарев опасно манипулира и не ги поткрепува своите зборови со докази

ВИДЕО | Спасов: Делото на Блаже Конески е обединувачко не само за македонскиот народ туку и за сите заедници што живеат во државата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот