По средбата Ковачевски – Гаши: Алтернатива пред излегување, Алијанса пред влез во Владата

Гаши-Ковачевски
Фото: МИА

Тесното раководство на Алтернатива вечерва треба да пресече дали останува на „Илинденска“ откако претходно премиерот Димитар Ковачевски го информирал претседателот на Алтернатива Африм Гаши за новата понуда на ресори и за преговорите со Алијанса за Албанците за влез во Владата. Алијанса со две министерски и едно вицепремиерско место е новиот владин партнер, а ДУИ преку ресорите кои ги отстапи разреши дел од „огнените“. Од Алтернатива не откриваат дали понудата од Ковачевски е прифатлива или влезот на Алијанса ќе значи нивно напуштање на владиното мнозинство. Неофицијално, од Алтернатива коментираат дека договорот меѓу Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари и понудата за нив е Алтернатива да излезе од Влада. Официјално од партијата на Гаши велат:

„Подготвени сме за сите предизвици. Ова е очекувано сценарио за нас. Партиските органи ќе донесат конечен став откако ќе се формализира новата коалиција. Нема да оставиме ниту минимум простор дека Алтернатива на било каков начин придонела за процесите кои неминовно следат“.

Од СДСМ велат дека Ковачевски до утре ќе чека на одлуката на Гаши дали Алтернатива останува во Влада.

Во зависност од одлуката на Алтернатива, преговарачките тимови на СДСМ и на Алијанса вечерва треба конечно да ги утврдат ресорите и утре највисоките партиски тела да го потврдат договорот за новиот владин партнер.

Од тимот на АА брифираат дека кај нив одат министерствата за здравство и за правда и како што веќе објави „Слободен печат“ ново вицепремиерско место за инвестиции и дијаспора. Неофицијално, нов вицепремиер ќе биде пратеникот и потпретседател на АА Елми Азири. За министер за правда АА ќе го предложи генералниот секретар Кренар Лога, додека за ресорот здравство допрва ќе се одлучува.

Алијанса ги добива заменик министерските места во ресорите одбрана со кое сега раководи кадар од „огнените“ од ДУИ и во земјоделство, како и двајца државни секретари од кои еден во ресорот труд и социјала.

Добиваат и директорски позиции во МЕПСО, во ПИОМ, во просветниот инспекторат, во Дирекцијата за управување со конфискуван имот , Железници транспорт, Македонски пошти и во тетовската болница. Заменик директорски позиции добиваат во УЈП и помошник директор во Царина, како и во бројни други дирекции.

СДСМ ќе го добие екологија со кое сега раководи ДУИ, а ако Алтернатива излезе од Владата тогаш можно е СДСМ да раководи и со информатичко општество и администрација поради етничкиот балсанс во Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот