По секој дожд поплави, во Скопје само 35 отсто од улиците имаат атмосферска канализација

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа за силен и голем град во Општина Лозово и дека во Тетово некои улици, одредени подвозници и пониските дворови беа речиси целосно поплавени, како и подрумите и приземјата на повеќе куќи. Дожд имаше и во Скопско.

Од ЈП „Водовод и канализација“ потврдуваат дека 65 отсто од улиците во градот Скопје не се покриени со атмосферска канализација, а тука спаѓаат и улици што се под надлежност на Град Скопје и оние што се во општинска надлежност.

Поплавени улици, булевари, подруми, гаражи и јавни површини. Мали езерца низ кои се принудени да поминуваат пешаците, но и автомобилите. Ова е сликата на делови од Скопје при секој пороен дожд. За жал, неретко поплавени улици има и при најмала појава на врнежи, па граѓаните мака мачат како да преминат без да се изводенат, а возачите без да ги оштетат возилата. Сепак, најкритични точки се подвозниците што честопати по пообилни дождови се наполнети со вода, па тешко се поминува со возило низ нив.

Ваквата слика на поплавени улици и булевари трае со години наназад, а надлежните и покрај многубројните ветувања дека ќе се реши состојбата на терен, сепак проблемот и понатаму е присутен во делови на главниот град.

Според познавачите на оваа проблематика, причината за појава на поплави по улиците во Градот се должи на малата покриеност со атмосферска канализација на сообраќајниците во Скопје. Иако проблемот се повторува во секоја сезона на дождови, сепак и понатаму на територија градот се пробиваат и се асфалтираат улици без претходно да се постави атмосферска канализација, која би спречила евентуално излевање на водата од улиците во домовите, подрумите и во гаражите.

Од ЈП „Водовод и канализација“ потврдуваат дека 65 отсто од улиците во Скопје не се покриени со атмосферска канализација, а тука спаѓаат и улици што се под надлежност на Град Скопје и оние што се во општинска надлежност.

-Канализацискиот систем на град Скопје е сепарациски и се состои од фекална канализација во должина од 778 км со покриеност од приближно 75 отсто и атмосферска канализација во должина од 330 км со покриеност од приближно 35 отсто – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Последна ваква поплава го зафати Скопје минатиот месец кога за кратко време беа поплавени главните сообраќајници и споредните улички притоа предизвикувајќи метеж и паника кај населението.

Надлежните од ЈП „Водовод и канализација“ сметаат дека како дополнителна причина за поплавени улици се и затнувањето на решетките на сливниците како последица на наносите од ѓубре, лисја и гранки.

-При обилни врнежи проследени со град и силен ветер доаѓа до нанесување лисја, гранки, ќеси и друг отпад врз решетките на сливниците, а со тоа и до оневозможување на протокот на водата преку нив во канализациската цевка. Затоа екипите на ЈП „Водовод и канализација“ веднаш излегуваат на терен за физички чистење на таквото ѓубре наталожено врз решетките на сливниците, со цел нивна непречена функционалност и примање на водата во атмосферската канализациска цевка и одведување до корисникот – информираат од ова јавно претпријатие.

Оттаму објаснуваат и дека нивните екипи на терен среќаваат отпад насекаде низ канализацискиот систем, како во фекалните така и во атмосферските линии, и токму поради тоа постојано се соочуваат со затнати канализациски линии, кои редовно и постојано се чистат.

Во канализациската мрежа преку шахтите и сливниците се фрла сè и сешто, од влажни марамчиња до различен градежен шут и материјал. Затоа, постојано апелираме на одговорно однесување на корисниците и редовно ја чистиме нашата мрежа со цистерни под притисок и вакуум заради нејзина непречена функционалност во секое време – децидни се од ЈП „Водовод и канализација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот