По прозивките од САД за корупција: ДУИ планира повторно да го активира ветингот

Талат Џафери интерпелација во собрание/ фото: Слободен Печат - Драган Митрески

Владејачката ДУИ, во координација со СДСМ, повторно планира по Нова година да го активира во Собранието законот за ветинг на функционери, судии и обвинители, откако пред две години проектот не се реализира поради парламентарните избори. За ова, како што брифира за „Слободен печат“ висок владин функционер, ДУИ веќе остварила првични средби со дел од меѓународните претставници во земјава и со СДСМ, откако изминатиов период државата е под жестоки критики за справувањето со криминалот и корупцијата.

Поентата на законското решение кое „интегративците“ или владините партнери ќе го стават пред пратениците е посебна агенција или комисија да врши проверка на имотите и кредибилитетот на кандидатите за претседатели на државата и на Собранието, на пратеници, министри, градоначалници, советници, судии, обвинители, на претседатели на партии, но и на гувернерот на Народна банка, раководни лица во АРМ, на затвори, Агенција за разузнавање, државен правобранител…. Се предлага проверка да се врши и на актуелни и на поранешни носители на јавни функции.

Според нашиот извор, сега има поповолна клима законското решение да добие поддршка од пратениците, за разлика од 2020 година кога првично беше предложен, бидејќи и меѓународните претставници и партиите се поблиску до ставот дека прочистување од корумпираните јавни личности е можно само преку нивна проверка. Разликата од ветингот во правосудството што беше спроведен во Албанија со проверката која се предлага кај нас е дека ќе нема откази и наново конкурирање на функционерите, туку агенцијата или комисијата која ќе ја избира Собранието ќе ги проверува носителите на функции и новите кандидати дали се корупциски чисти. Разликата, пак, во однос на Државната комисија за спречување на корупција и агенцијата за ветинг е дека Антикорупциска врши проверка на функционерите по нивниот избор, додека основна функција на агенцијата или комисијата би била проверка на кандидатите за функција, односно тие воопшто да не може да станат функционери ако имаат валкано корупциско минато.

Според Предлог-законот од 2020 година, агенцијата треба да собира информации за интегритетот и дали кандидатот е достоен за функцијата со што ќе се намали можноста за корупција, криминал, злоупотреба на службената должност и нарушување на угледот на институцијата која ја претставува.
Според предлогот, раководните лица во институциите, органите и партиите кои предлагаат и вршат избори и именувања се должни пред да предложат или пред да го спроведат изборот или именувањето на носителот на јавна функција, до агенцијата да поднесат барање за проверка на сите пријавени кандидати и лица кои треба да бидат избрани, именувани или предложени. На пример, при парламентарни избори партиите ќе треба до агенцијата да ги достават листите со кандидати за пратеници за да им биде извршена проверка. Ако лицата го поминат филтерот од агенцијата, ќе можат да се најдат на листите за кандидати за пратеници.

Дека ДУИ повторно ќе го актуелизира ветингот најавија првиот вицепемиер Артан Груби и лидерот на интегративците Али Ахмети пред десетина дена, а викендов министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека откако државата ги решила големите прашања, сега фокусот е на борбата против корупцијата.

– Имаме заедничка цел да застанеме заедно во борбата против криминалот и корупцијата и соединети во иста цел – за еден сеопфатен ветинг, како во законодавната, така и во извршната и судската власт – рече Ахмети на одбележување на Денот на албанската азбука.

ДУИ пред две години не успеа да го протурка законот за ветинг, иако поголемите партии беа за прочистување во правосудството и во политиката, но со различни предлози како тој да се спроведе. За целосно да не им пропадне проектот, тогаш интегративците спроведоа ветинг во партијата, но впечатливо беше дека кај ниту еден крупен актуелен или поранешен функционер на ДУИ ветингот не покажа инволвираност во корупциски или криминален скандал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот