По Преспа, македонската јавност презаситена од отстапки

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нема ништо комплицирано за тој што уценува, ја коментираат аналитичарите изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која од Македонија бара „да го признае минатото“ онака како што замислува Бугарија.

Но, доколку македонскиот државен врв го прифати т.н. „бугарски компромис“ за да може Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, за кој деновиве пишуваше европскиот портал „Политико“, тоа може да предизвика предвремени парламентарни избори и губење на власта, сметаат некои политички аналитичар.

Ако лани имаше предвремени избори затоа што Македонија не доби датум за преговори, не по своја вина туку поради францускиот ултиматум за нов начин на преговарање, овој пат може да има оставка на Владата токму ако преговорите почнат, сметаат некои политички аналитичари.

Бугарските црвени линии не се опасни за рејтингот на Борисов

Директорот на Институтот за демократија Социета цивилис Марко Трошановски вели дека е оптимист дека преговорите за членство со ЕУ ќе почнат, но предупредува дека јавноста по Преспанскиот договор со Грција повеќе не е подготвена за дополнителни отстапки. Тој не очекува дека македонскиот државен врв ќе попушти со оглед на категоричните изјави на премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски дека ќе нема отстапки од „црвените линии“, а тоа се идентитетот и македонскиот јазик.

– Очекувам на 10 ноември да добиеме почеток на преговорите, односно тогаш да се усвои преговарачката рамка на седницата на Советот за општи работи на ЕУ. Охрабрува тоа што голем дел од оние провоцирачки изјави и закани со блокада на преговорите доаѓаат, да не речам од маргиналци, односно не ги искажува директно премиерот Бојко Борисов, туку тоа се министерот Красимир Каракачанов и европратеникот Андреј Ковачев, кои се тврди националисти, а Каракачанов дополнително има слаб рејтинг и со таквите изјави се обидува да го подигне пред претстојните избори во Бугарија. Оваа игра топло-ладно ќе продолжи како што се приближува денот за постигнување на договор, а притисокот ќе расте, исто како и блефовите од бугарската страна. Има можност да се пристигнат прифатливи решенија и тоа преку заедничката комисија за историски и образовни прашања, кои нема да подразбираат непостоење на македонскиот јазик, ниту пак „вистина“ дека Македонците се Бугари. Ако македонската власт го прифати бугарскиот компромис, онака како што беше претставен во „Политико“, а станува збор за сериозен и кредибилен медиум, тоа ќе предизвика сериозен политички потрес во Македонија и вовед во предвремени парламентарни избори. Јавноста во Македонија не е подготвена да проголта уште едно зафаќање од националното достоинство и суверенитет. Тоа ќе предизвика сериозна дестабилизација и пораз на актуелната владејачка коалиција на неминовните предвремени избори – вели Трошановски.

Според него, попуштањето на бугарскиот државен врв од нивните црвени линии нема да предизвика голем политички потрес во Бугарија.

– Во Бугарија оваа тема во предизборието не е премногу експлоатирана, нема голем публицитет во јавноста, па со евентуалното попуштање Борисов нема да изгуби од рејтингот – вели Трошановски.

Османи: За историјата може да решаваат само комисии

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и евроамбасадорот Дејвид Гир вчера не сакаа да ја коментираат веста на „Политико“ дека деновиве на состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел наводно бил постигнат некаков „бугарски компромис“, кој ќе овозможи да почне првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија и кој подразбира дека Бугарија ќе ги признае македонскиот јазик и идентитет, а за возврат Македонија ќе признае дека тие се со бугарски темели.

– Има многу шпекулации, за мене не е корисно да додавам нешто кон тие шпекулации. Треба да продолжи дискусијата, да се постигне договор за преговарачката рамка и потоа ќе ја имаме владината конференција, се надеваме колку е можно побрзо – рече Гир.

Министерот Османи рече дека не може да зборува за бугарскиот предлог бидејќи Македонија не е дел од дебатата за усвојувањето на преговарачката рамка.

– Не е нов тој пристап како поглед на Бугарија за тоа како треба да се реши проблемот. Според мене, потврдувањето на правото на самоопределување и на идентитетските атрибути значително ќе го охрабри општеството и особено комисијата без сомнеж и без оптоварувања, туку како научници да разгледаат различни историски настани и како да се одбележат одредени историски  фигури. Добар е оној пристап во кој ќе се охрабри комисијата, затоа што единствен начин да се решат историски дилеми е со историски комисии. Политичарите можат само да создадат амбиент, но не можат со декрет да донесат интерпретации на историските настани, затоа што не би биле здрави и одржливи. Не гледам друг начин, а така е предвидено и во Договорот за добрососедство – рече Османи.

Тој објасни дека работните групи секојдневно комуницираат и отворено разговараат за сите прашања за кои „има простор да се олеснат одредени  загриженоста кај двете страни“. Османи рече дека има исчекори во разговорите и најави дека следната недела ќе има средба со колешката Захариева, но сѐ уште не е дефиниран форматот и начинот на кој ќе се оствари поради ограничувањата од коронавирусот.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, бугарскиот либерал Илхан Ќучук во интервју за „Независен“ рече дека очекува до крајот на декември да почнат преговорите и дека не гледа јасна бугарска позиција дека ќе се блокира Македонија. Тој порача дека е важно прво да се донесе одлука за преговорите, а потоа да следи процес на решавање на отворените прашања, при што за некои прашања ќе бидат потребни пет-шест години. Според него, во овој билатерален спор нема улога за Брисел и ниту Македонија ниту Бугарија имаат интерес тој да се интернационализира и да се вмеша некој трет како арбитер, а ако сега Бугарија рече „не“, нема да има развој во односите меѓу двете земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот