По пожарот во Тетово: Запрена изградбата на три монтажни амбуланти?

Фото: Фејсбук

Градежните активности во реконструкцијата на монтажната амбуланта во населба Бутел во Скопје се прекинати, сведочат локални жители, а и на терен може да се забележи дека нема градежна механизација и работници, туку само обезбедувачи што го надгледуваат просторот.

Од компанијата задолжена за реконструкцијата на амбулантата во Бутел, ,,Енерџи меинтененс солушнс“, за „Слободен печат“ велат дека не запреле градежните работи.

,,Изведувањето на замената на времените објекти од амбулантно поликлиничка дејност се одвива непрекинато и според условите и роковите предвидени во договорот“, ни рекоа оттаму.

Од оваа компанија не одговорија зошто на терен нема градежни активности три дена по ред, дали се прават измени во првичниот план за градење заради подобрување на инсталација, дали се менува нешто од првичните планови, дали овие амбуланти ќе бидат изградени од истите материјали како и монтажните болници. Прашавме и за детали од спецификацијата, односно какви ѕидови ќе имаат овие објекти, од каков материјал, дали ќе има систем за противпожарна заштита.

Ќе се реконструираат девет амбуланти во Скопје?

Во Министерството за здравство не добиле известување за запирање на изградбата на трите монтажни амбуланти за кои е почната реконструкција.

,,Во тек се консултации и стручни согледувања, пресек за изведените градежни и градежно- занаетчиски работи, со стручен надзор ангажиран од Министерството. По согледувањата од стручниот надзор, се работи на дообезбедување инфраструктурни приклучоци и запазување на временски рамки поврзани со градежниот процес“, велат оттаму.

Министерството за здравство најави дека ќе бидат реконструирани вкупно девет објекти, поставени по земјотресот во 1963 година. Станува збор за стари и дотраени бараки со видливи оштетувања, чија реконструкцијата на три од овие бараки веќе почна. Планирано е да се реконструираат девет амбуланти – во Бутел, Влае, Ѓорче Петров, Тафталиџе, Козле, Лисиче, Аеродром, Автокоманда, Карпош. Со овие амбуланти стопанисува Здравствен дом Скопје и ги издава под концесија на лекари, стоматолози, гинеколози, зависно од здравствените потреби.

Дел од матичните лекари во примарната здравствена заштита се загрижени што се планира  нивните амбуланти во Скопје да се реконструираат и да бидат монтажни, особено откако избувна пожарот во тетовската модуларна болница.

Дел од матичните лекари скептични

Доктор Ненад Лазаров за „Слободен печат“ вели дека неговата приватна општа ординација, лоцирана во Влае, планирано е да се урне во ноември за да се изгради монтажна амбуланта, но по избувнувањето на пожарот во Тетово, тој отворено е скептичен.

– Додека не заврши истрагата за пожарот во Тетово и додека не добијам писмена гаранција дека ќе бидам безбеден во новиот објект, заедно со пациентите, овде нема да се постави ништо, нема да дозволам. И во мојата ординација има кислород. Во секој момент имам по двајца или по тројца пациенти што лежат приклучени на боца. Не сакам да изгорам ни јас ни пациентите – вели Лазаров.

И според неговите информации, изградбата на објектите во Бутел, Ѓорче Петров и во Автокоманда е запрена по пожарот.

– Нам никој не ни покажал проект, да видиме како ќе изгледа амбулантата. Ни рекоа само дека ќе уриваат и дека ќе градат објект. Што и како понатаму, не ни кажаа. Кога го гледам пожарот на телевизија, јас сум од памет изваден. Овде вложив пари за мојата ординација, за стаклена волна, струја, вода, изолации. Овде во објектот можам да гарантирам и за себе и за пациентите, а во контејнерот што ќе го изградат, ништо не можам да гарантирам. Имам информации дека проектот ќе продолжи, нема да го остават така – ни рече Лазаров.

Во проектот, според доктор Лазаров, е предвидено да се стават 28 климатизери во барака од 400 квадратни метри. Според последните најави, во монтажната амбуланта се планира да бидат сместени две општи ординации, една стоматолошка, а остатокот ќе биде дневен центар за психички болни од Бардовци.

Што ќе има во модуларните амбуланти

Според Министерството за здравство, целокупниот концепт на изградба е направен за да бидат објектите енергетски ефикасни, чекалниците да бидат распределени така што ќе се спречат турканици и чекања, се планира соодветна уреденост на партерниот дел на влезот со клупи. Целта е на пациентите да им се понуди услуга блиску до нивните домови, а со тоа помалку да се оптоваруваат болниците.

За првпат во овие објекти се планира да има лабораторија, а концептот е направен така што кога ќе дојде пациентот на едно место, да има што помала веројатност да биде упатен на друго место на лекување.

Филипче: После пожарот ги стопиравме модуларните амбуланти во Скопје, гледаме дали може да се подобри нешто

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот