По пет дена, најдени се само ранците на тројцата млади луѓе кои исчезнаа во студените води на Дунав

Два ранци, лични документи и еден појас за спасување се пронајдени во потрагата по тројцата млади луѓе, на возраст од 36, 37 и 38 години, кои во саботата исчезнаа во реката Дунав во Белград, откако им се превртел чамецот.
Како што јавува „Блиц“, по телата на тројцата давеници сѐ уште трагаат десетици бродови, чамци и нуркачи, но и кајакари кои го пребаруваат брегот на реката кај Панчево.
Со исчезнатите Милош Марковиќ, Ненад Тривковиќ и Милан Николиќ, бил уште еден другар, дентификуван како Мане К., кој единствен успеал да исплива од студените води на големата река, чија температура била околу седум степени. Тројцата практично се сметаат за удавени, бидејќи според лекарите, на оваа температура се доволни само неколку минути за да настапи хипотермија, а речиси и да не постојат шанси тие да бидат пронајдени живи по пет дена.

„Четворица пријатели биле излезени во саботата. Утрото отишле на скара на островот Бела Стена, а несреќата се случила вечерта кога најверојатно се враќале назад кон Земун. Тие седнале во чамецот „Три принцези“, кој бил во сопственост на Милош Марковиќ, кој наводно го управувал пловилото. Од засега непознати причини чамецот се превртел, а пријателите завршиле во реката“, изјави извор од полицијата за српските медиуми, додавајќи дека најверојатно четворицата биле во алкохолизирана состојба.

„Ситуацијата е непроменета. Секој ден трагаме по тројцата момци. Вклучена во потрагата е целата расположлива техника, како и дронови. Не терен се околу триесетина луѓе“, изјави претставник на полицијата.