По ординациите гужва, лекарите без никаква заштита

Здравствените работници во земјава веќе подолго време реагираат дека не се доволно заштитени од инфекција со коронавирусот. Доказ дека постои проблем е тоа што матичните лекари од Дебар кои ги лекувале сопружниците заболени од новиот вирус исто така се позитивни, односно двајца доктори и две медицински сестри. Лекарите бараат да бидат сериозно заштитени на начинот на кој беа заштитени нивните колеги во Кина.

„Општите ординации се оставени сами на себе, без елементарна заштита, никаква помош во ресурси, никаква. Не натеретивте со цела админинистрација плус на секојдневната работа, хартии од секаде, а помош никаква! Свесни ли сте што ќе се случи ако ние колабираме и почнеме да затвораме ординации? Пари не бараме, бараме дезинфициенси, маски, ракавици, или ние не сме дел од здравствениот систем“, пишува доктор Ненад Лазаров.

Министерството за здравство прво рече дека матичните лекари се приватни здравствени установи па и затоа сами треба да си обезбедат заштитна опрема. Потоа се премисли, па министерот Венко Филипче соопшти дека ќе бидат дистрибуирани заштитни средства и опрема и кај матичните лекари. Но иако постои можност да се прогласи вонредна состојба во државата, тоа се уште не се случило.

Претседателката на Здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова вели дека и тие се дел од јавно-здравствениот систем и ако сакаат здравствените власти да дадат соодветен одговор на ситуацијата мора така да ги третираат.

– Мора да сме вклучени во кризните штабови и секако треба да добиеме заштитана опрема, први здравствени работници кои добија вирус се матични лекари. Дури и да сакаме да си купиме сами, не може да најдеме, нигде нема да се купи поквалитетни, маски, наочари и ракавици – вели Чолакова Дервишова која упатува апел до пациентите да не одат на лекар без некоја потреба туку телефонски да контактираат со матичниот кој ќе има даде насоки како да го добијат тоа што им треба.

И лекарите од поликлиниките во Скопје велат дека добиле ракавици, маски и средство за дезинфекција, но не во доволни количини. Немаат ниту наочари, иако тоа е неопходно бидејќи контаминација со вирусот може да дојде и преку очите. Вработените во клиниките пак реагираат дека сакаат да бидат соодветно заштитени, не само со маски и ракавици, туку мора да имаат и скафандери. Деновиве биле одржани состаноци на кои им било објаснето како да постапуваат и какви мерки за заштита ќе се преземат, но сепак тие не се уверени дека тоа е доволно.

– Гледавме како се заштитуваат лекарите во Кина, носеа и скафандери и комплетна опрема. Не знам зошто не им е јасно дека ние сме првата борбена линија и дека ако се разболиме ние комплетно ќе трахира системот кој треба да ги лекува болните – вели лекарка од скопските клиники.

Здравствените работници реагираат и на тоа што, иако Филипче на прес коференции вели дека на лекар треба да одат само пациентите со итна потреба, системот Мој термин функционира нормално.

– Доаѓаат по 20-30 пациенти кои имаат закажано. Велат еден месец сум чекал и сега не се враќам. Дури има и такви кои се јавиле во Мој термин да прашаат дали да одат на лекар од каде добиле потврден одговор – раскажува една лекарка.

Со ваква лоша организација, додава таа, болниците ќе станат место на ширење на вирусот.

Во Министерството за здравство прашавме зошто матичните лекари немаат добиено заштитна опрема, како и тоа зошто нашите здравствени работници не се заштитени со скафандери, но одговор не добивме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот