По операцијата, Ружди е ставен на респиратор и не може да зборува

ФОТО: Салман Ружди по нападот на пат кон болница - EPA EFE/@HoratioGates3

Познатиот автор од индиско потекло Салман Ружди, кој помина повеќе години криејќи се откако иранските власти ги повикаа муслиманите низ целиот свет да го убијат поради неговото пишување, вчера беше избоден со нож во главата, вратот и телото за време на предавање во Њујорк и со хеликоптер беше пренесен во болница, соопшти полицијата, пренесува Н1.

По операцијата, која траела неколку часа, Ружди е ставен на респиратор и не може да зборува. Писателите и политичарите ширум светот го осудија нападот врз Ружди.

„Вестите не се добри. Салман најверојатно ќе го изгуби едното око. Нервите во раката му беа отсечени, а црниот дроб му е пробиен и оштетен“, рече неговиот агент Ендрју Вајли.

Ружди (75), кој во моментот на нападот го претставувал организаторот на настанот, беше избоден со нож на бина на Институтот „Чаутаука“ во западниот дел на Њујорк, каде што пред стотици луѓе требаше да зборува за уметничката слобода.

ФОТО. Салман Рружди – EPA-EFE/HAYOUNG JEON

Полицаец од државата Њујорк, кој го обезбедувал настанот, го уапси напаѓачот. Полицијата го идентификуваше осомничениот како Хади Матар, 24-годишник од Фервју, Њу Џерси, кој купил билет за настанот.

„Еден човек, не знам од каде, скокна на бината и го нападна удирајќи го со тупаници во градите и вратот“, изјави Бредли Фишер, кој бил во публиката.

Лекар од публиката се грижеше за Ружди додека не пристигнаа итните служби, соопшти полицијата. Хенри Рис, модераторот на настанот, се здоби со полесна повреда на главата. Полицијата соопшти дека работи со федералните истражители за да го утврдат мотивот, но не го опиша употребеното оружје. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, го опиша инцидентот како „ужасен“.

„Ние сме им благодарни на граѓаните и на првите луѓе што му помогнаа толку брзо“, напиша тој на Твитер.

Ружди, кој е роден во муслиманско кашмирско семејство во Мумбаи, се соочуваше со повеќе смртни закани поради неговиот четврти роман „Сотонски стихови“, по што се пресели во Обединетото Кралство. Некои муслимани рекоа дека книгата содржела богохулни пасуси. Оваа книга беше забранета во многу муслимански земји по нејзиното објавување во 1988 година. Неколку месеци подоцна, иранскиот врховен водач, ајатолахот Рухолах Хомеини, издаде фатва против Ружди повикувајќи ги муслиманите да го убијат него и сите вклучени во објавувањето на книгата поради богохулење.

Ружди, кој го нарече својот роман „прилично благ“, се криеше речиси една деценија. Хитоши Игараши, јапонски преведувач на романот, беше убиен во 1991 година. Иранската влада во 1998 година рече дека повеќе нема да ја поддржува фатвата, а Ружди живееше релативно слободно во последните години.

Ирански организации, некои поврзани со владата, пак, понудија милиони долари награда за убиство на Ружди. Наследникот на Хомеини, ајатолахот Али Хамнеи, во 2019 година рече дека фатвата е „неотповиклива“. Иранската полуофицијална новинска агенција Фарс и други новински куќи донираа пари во 2016 година за да ја зголемат наградата за 600 000 долари.

Фарс го нарече Ружди отпадник кој го „навредил пророкот“ во својот извештај за нападот во петокот. Ружди во 2012 година објави мемоари за својот затворен, таен живот по фатвата наречена „Џозеф Антон“, псевдонимот што го користел додека бил под заштита на британската полиција.

За вториот роман „Полноќните деца“ ја доби Букеровата награда. Неговиот нов роман „Град на победата“ треба да биде објавен во февруари следната година. Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е ужаснат што Ружди бил „прободен со нож додека го користел правото што никогаш не треба да престанеме да го браниме“. Немаше безбедносни проверки за настанот во институтот „Чаутаука“, основан во 19 век во истоимениот мал езерски град.

„Почувствував дека ни треба поголема заштита таму бидејќи Салман Ружди не е обичен писател. Тој е писател кој има фатва против него“, рече Анур Рахмани, алжирски писател и активист за човекови права, кој беше во публиката.

Ружди стана американски државјанин во 2016 година и живее во Њујорк. Самонаречен културен муслиман и „тврдокорен атеист“, Ружди, беше остар критичар на различни религии. Тој, исто така, зборуваше за религиозното угнетување во Индија, вклучително и за време на актуелната хинду-националистичка влада на премиерот Нарендра Моди.

„Салман Ружди беше цел на напади со децении поради неговите зборови, но тој никогаш не отстапи ниту се поколеба“, рече извршната директорка на ПЕН Америка, Сузан Носел.

Таа додаде дека рано вчера рано утрото Ружди, кој е претседател на американскиот ПЕН, ѝ испратил е-пошта за да помогне во преселувањето на украински писатели кои бараат азил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот