По објавата на „Слободен печат“: „На тапет“ болничарот што наплаќал за облекување починати од ковид

За случајот кој Валентина Пешиќ го обелодени за Слободен печат, поднела и пријава во кумановската полиција / Фото: МИА

Дисциплинска постапка е поведена за болничар од кумановската болница, откако „Слободен печат“ објави сведоштво на внука на пациент кој починал во оваа здравствена установа, во кое таа тврди дека болничарот ѝ побарал мито, односно три илјади денари за услуга „облекување на починат пациент од ковид пред закоп“. За побараните пари, според сведочењето на кумановката Валентина Пешиќ, таа не добила фискална сметка, па така сфатила дека всушност парите му ги дала на болничарот за услуга што не постои, поради тоа што пациент починат од ковид според протоколот број 70 донесен од Владата, не се облекува во болница. Сепак, погребното претпријатие дошло во болницата и го подигнало телото на покојникот облечено и закопот бил извршен со прекршување на протоколот.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат направи вонреден инспекциски надзор во врска со постапување со починати лица асоцирано со ковид-19. Констатирано е дека менаџерскиот тим утврдил дека е инволвирано едно лице, болничар, кое негира, меѓутоа против него е почната дисциплинска постапка. За исходот установата е задолжена да го извести ДСЗИ – вели директорката на инспекторатот доктор Ирина Сотирова Бухова.

Кумановката Валентина Пешиќ за „Слободен печат“ изјави дека од болницата на нејзиното семејство му било посочено дека не можат сами да одберат кое погребно претпријатие ќе го изврши погребот, туку дека само едно погребно претпријатие соработува и ги носи починатите од ковид. Па така погребот и протоколарниот дел околу изнесувањето на покојникот од болничкиот објект морало да се случи исклучиво преку тоа погребно претпријатие.

Ни кажаа дека треба да платиме однапред три илјади денари за да го облечат дедо ми. Мајка ми праша дали може да даде две илјади денари, бидејќи не носеше во моментот повеќе пари. Тие одбија. Потоа им кажавме дека погребното претпријатие кое ќе го викнеме, ќе го облече дедо ми. И тоа го одбија. Рекоа дека тие ќе викнат погребно претпријатие, дека соработувале само со едно и освен него, никој друг не ги носел починатите од ковид. Се збунивме, но бидејќи бевме во шок, мајка ми даде две илјади денари на рака, а не ѝ дадоа потврда дека платила. Испадна како да дала мито, дека ни побараа мито за да го облечат дедо, а кога видоа дека немавме три илјади денари, прифатија две илјади, само колку да не биде без ич – рече Пешиќ за „Слободен печат“.

Во ковид-одделението на општата болница во Куманово јасно се истакнати телефонските броеви на сите погребни претпријатија и на ѕидот се испишани предупредувања од менаџментот дека не се толерира сугерирање на погребен оператор на семејствата на починатите и дека изборот треба да го направи семејството.

За случајот Валентина Пешиќ поднела и пријава во кумановската полиција, во којашто навела дека сфатила дека парите што ги дала не се дел од редовната услуга што ја наплаќа болницата, туку вработениот ја злоупотребил својата положба и незаконски наплатил пари. За случајот е  известена и директорката на болницата д-р Снежана Захариева, која ги соочила Пешиќ и болничарот, при што тој негирал дека воопшто зел пари.

АУДИО СВЕДОШТВО Валентина Пешиќ: Во кумановската модуларна болница ми земаа мито за да го облечат дедо ми кој почина!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот