По најавата за отворање на ноќните клубови: Газдите тргнаа во потрага по работници, ќе бараат вакцинирани

Фото: Ансплеш / Dominik Mecko

Нелогично е да се бара невакцинираниот персонал да легитимира вакцинирани гости, на угостителите им оди во прилог нивните гости да се чувствуваат безбедно, но главно, во угостителството има проблем со квалитетен персонал, вели Горан Арсовски, претседател на Здружението на сопственици на ноќни клубови.

Сопствениците на ноќните клубови почнаа да се екипираат за да ги отворат вратите по 19 месеци неработење поради пандемијата. Главно, велат тие, во угостителството има проблем со квалитетен персонал, а доколку е можно, сега ќе бараат и ќе мотивираат вработените да бидат имунизирани.

Горан Арсовски, претседател на Здружението на сопственици на ноќни клубови, за „Слободен печат“ вели дека целосно ги поддржуваат новите ковид-протоколи и се надеваат дека ќе бидат стимул за да има повеќе вакцинирани и повеќе клиенти. Арсовски, сепак, забележува дека е навистина нелогично да се бара невакцинираниот персонал да легитимира вакцинирани гости, но на угостителите им оди во прилог нивните гости да се чувствуваат безбедно. За да може да работат, клубовите плаќаат лиценци што се движат од 5 до 7.500 евра. Нив ги издаваат МВР и Министерството за економија, а Здружението во меѓувреме се обидува да го забрза прибирањето на овие документи, бидејќи нелегалното работење влече огромни казни.

– Ја поздравуваме одлуката на Владата и апелираме да се зголеми процентот на вакцинирани, особено меѓу младите кои се наши клиенти. Иако вакцината не е задолжителна, особено ќе се трудиме да обезбедиме и безбеден персонал за да не бидеме обвинети дека шириме зараза – додава Арсовски.

Во земјава има нешто повеќе од 30 лиценцирани ноќни клубови, кои се затворени од март 2020 година. Минатата недела тие се заканија со граѓанска непослушност доколку Владата продолжи да ги игнорира нивните барања.

– Ноќните клубови во затворен простор во земјава се единствените во целиот регион и во светот кои, со одлука на Владата, се во целост затворени и не работат повеќе од 19 месеци. Единствено кај нас не се најде начин и решение да работат со соодветни протоколи – тврдеа овие угостители.

Газдите на ноќните клубови замеруваат дека сè друго си работело нормално, како воопшто да нема коронавирус, а помали капацитети од нивните, со доста понебезбедни услови, ја презеле улогата на организатори на забави.

Ноќните журки во баровите и во ноќните клубови со 50 отсто исполнетост од капацитетот во затворен простор Владата ги дозволи на последната седница, а се во согласност со моменталната епидемиолошка состојба во државата и се на предлог на Комисијата за заразни болести. Но, по 15 ноември ќе мора да се поседува сертификат за извршена вакцинација со две дози вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена. До 14 ноември за влез во ваквите објекти ќе се бара сертификат за извршена вакцинација со примена прва доза на вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во последните 45 дена.

Со шестиот економски пакет беа опфатени и ноќните клубови. На барање на Синдикатот на угостителски работници, сите регистрирани угостителски објекти требаше да добијат по 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со април годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот