ПО МЕСЕЦ И ПОЛ ЧЕКАЊЕ: Од утре учениците од Аеродром ќе добијат УНИФОРМИ

Помина месец и пол од почетокот на училишната година, а учениците во општина Аеродром се уште немаат униформи. Во секое училиште се даваат различни упатства за тоа дали треба или не да се носат старите униформи. Од општината и од фирмата која го доби тендерот, „Фива ДДФ ДООЕЛ“ – Скопје велат дека испораката на униформите почнува денеска, односно децата ќе ја добијат утре.

– Општина Аеродром, постоите ли уште? До кај сме со униформите за децава?! Половина од првото полугодие измина. Децава одат на училиште со мали, исфлекани и искинати униформи, под секое достоинство. И затоа што ние ги почитуваме правилата посочени од училиштето. Најлесно ќе беше да се однесуваме како вас, незаинтересирано. И не заборавајте, тоа се истите деца од кои баравте пред некој ден да се вклучат во чистењето на општината – коментира една мајка.

– Сега поради неисполнетите ветувања од страна на општината за делење на бесплатни униформи за децата, ние родителите сме во недоумица како да ги облекуваме. Во првите неколку дена децата беа принудени да одат во училиште носејќи ги старите униформи од минатата година, кои им беа тесни и мали. Дел од наставниците инсистираа децата да бидат облечени на таков начин. Сепак, како минуваа деновите, а новите униформи не им беа поделени, наставниците веќе не бараат од децата да бидат облечени со униформа додека трае наставата. Сега, децата посетуваат настава облечени во гардероба по сопствен избор – вели мајка на ученик од 5 одделение.

Според неа, родителите се едногласни околу тоа дека униформите мораат да бидат дадени час поскоро, бидејќи единствено на тој начин децата се облечени идентично и на тој начин не се забележуваат класните разлики помеѓу нив.

Униформите за учениците до сега ги шиеше фирма која е дел од бизнисите на фамилијата Камчеви, но како што велат неофицијалните информации, по отворање на истраги против првиот човек, Орце Камчев, оваа фирма престанала да постои. Токму и тоа било причината што оваа година нема униформи навреме.

На крајот на август, Општина Аеродром ја избрала фирмата „Фива ДДФ ДООЕЛ“ како најповолен добавувач. Рокот во кој таа треба да ги испорача униформите според договорот е 60 дена откако ќе ги добие нарачките.

Од општината велат дека денеска униформите стасуваат кај добавувачот, а веќе од утре ќе се дистрибуираат во училиштата.

Во телефонскиот разговор со фирмата, пак, добивме информација дека испораката на униформите почнува денеска. За да ни дадат повеќе детали како тоа, во кои училишта денеска се испорачува униформата и кога ќе биде дистрибуцијата завршена, побараа да им доставиме прашања кои писмено ќе ги одговорат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот