По Клоп и Флик ја отфрли можноста да биде нов селектор на Германија
Тренерот на Баерн Минхен, Ханси Флик не е заинтересиран да го наследи Јоаким Лев на селекторското столче во репрезентацијата на Германија.
Јоаким Лев на почетокот од неделава официјално објави дека по завршување на Европското првенство ова лето, ќе се повлече од селекторската функција која ја извршува дури 15 години.
Медиумите веднаш започнаа со шпекулациите за тоа кој би можел да биде наследник, и исфрлија две имиња, менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп и тренерот на Баерн Минхен, Ханси Флик.
Но, Клоп веднаш ги демантира написите дека е заинтересиран за селекторската функција, а денеска истото го стори и Флик.
– Со Баерн имам договор до 2023 година и сакам да продолжам да освојувам трофеи со мојот тим. Сега не е време за шпекулации за мојата иднина, ме интересира само актуелната ситуација. Се грижам за својот тим и за натпреварот против Вердер – изјави Флик кој исто така рече дека е изненаден што Флик си заминува од селекторската позиција.
– Да, Лев одлично си ја изврши својата задача. Сите можат да бидат горди на тоа што го постигна .
Досега само 62-годишниот Ралф Рангник јавно изјави дека е заинтересиран да го наследи Лев. Рангник моментно е без работа откако минатата година си замина од директорската позиција во Лајпциг.