По изборите во Бугарија: Македонија засега безбедна од нови барања и ултиматуми

Без оглед дали Борисов ќе има успешно враќање на политичката сцена или не, не се исклучува прашањето за Македонија да се отвори повторно како што ќе се движи земјава на патот на евроинтеграциите

Извојува победа, но не триумфираше, па малку ќе се измачи да формира влада, ако воопшто успее, бидејќи во предизборната кампања повеќето од партиите се изјаснија дека не сакаат коалиција со него. Вака накусо изгледаат коментарите во врска со победата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и неговата ГЕРБ на неделните парламентарни избори во Бугарија, четврти по ред во период од две години. Доколку и успее да формира влада, дури и малцинска, ќе биде среќен што во корпусот прашања со кои ќе треба да се занимава нема да биде и македонското откако земјава ја прифати преговарачката рамка на Европската Унија и доби каква-таква заштита од политички притисоци од Софија.

Сепак, без оглед дали Борисов ќе има успешно враќање на политичката сцена или не, не се исклучува прашањето за Македонија да се отвори повторно како што ќе се движи земјава на патот на евроинтеграциите. Особено ако во Бугарија дојде националистички настроена влада или ако државата продолжи да ја води претседателот Румен Радев.

Експертите не очекуваат бугарската политичка нестабилност која што е се поизвесна да има влијание врз односите со Македонија, барем засега.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека иако темата „Македонија“ не беше многу присутна во изборната кампања, освен кај некои спорадични партии, како на пример кај Красимир Каракачанов и кај претседателот Радев, бидејќи тој не се соочува со нови избори, тоа не значи дека таа тема нема да се отвори повторно.

„Мислам дека ќе се појави повторно како што Македонија ќе оди низ патот на евроинтеграциите и тоа во вид нови притисоци, условување и пресинг на сите полиња. Меѓутоа, мислам дека темата повеќе ќе се пресели во Брисел и дека Бугарија ќе притиска таму, а не во билатералните односи бидејќи тие се затворено поглавје“, вели Арсовски за „Слободен печат“.

Но, тој не очекува ова да се случи веднаш, бидејќи Бугарите во моментов се фокусирани на своите проблеми, а тие не се малку. Резултатите од изборите во Бугарија, според него, најмногу значат продолжување на политичката неизвесност.

„Проблемите со составување влада и молскавичниот подем или пад на повеќе партии, меѓу кои Има таков народ на Слави Трифонов и Продолжуваме со промената на Кирил Петков, говорат дека во Бугарија периодот на политичка нестабилност ќе продолжи. Таму сега главниот наратив е економски, како да се преживее зимата и дали ќе има политичка стабилност“, додава Арсовски.

Аналитичарот Благојче Атанасоски, пак, оценува дека по некоја случајност или закономерност, откако го употребија инструментот вето врз нашите евроинтеграции, Бугарите влегоа во една институционална и политичка криза на преповторување на парламентарни избори бидејќи не можат да создадат стабилна политичка влада.

„Ситуацијата е многу поларизирана и тешко е да се направи сојуз на повеќе политички партии/коалиции во една владејачка. По овие избори има две опции – ГЕРБ без Бојко Борисов да направи влада со партијата на етничките Турци (ДПС), или со партијата на Костадин Костадинов кој е ултранационалист, уште порадикален од Каракачанов и би било лошо по нас и нашите севкупни односи или да се оди на нови парламентарни избори, а дотогаш да има пак службена влада поставена од претседателот Румен Радев“, објаснува Атанасоски.

Што се однесува, пак, до бугарската политика кон Македонија, тој не очекува промена бидејќи нивниот внатрешен консензус за т.н. македонско национално прашање и како тоа се поима во нивното општество тие го преточија во францускиот предлог и сега тоа е официјална бугарска дипломатија и политика кон нас во европски рамки, за наша жал.

Какво е расположението на бугарските избирачи покажуваат резултатите од неделното гласање, но и фактот дека речиси 90 илјади Бугари на ливчињата се определиле да не гласаат за никого. Според последните податоци, ГЕРБ на Борисов доби 25,33 отсто или 634.575 гласови, Продолжуваме со промената на Кирил Петков 20,20 отсто или 505.985 гласови, на трето место е ДПС со добиени 13,76 отсто поддршка, односно 344.621 глас, Преродба доби 10,17 отсто или 254.808 гласови, а за БСП гласале 9,30 отсто од избирачите или партијата доби 232.942 гласа. Има таков народ на Слави Трифонов засега е под прагот за влез во Парламентот со 3,83 отсто од гласовите, односно 96.026 гласови.

Со ваков распоред на силите, една од опциите по предвремените парламентарни избори да се создаде натпартиска влада во Бугарија, но бугарските аналитичари оценуваат дека Борисов нема да формира влада по секоја цена и сите партии ќе си прават калкулации за локалните избори во Бугарија, кои ќе се одржат за една година. Но и тогаш не се очекуваат многу поинакви резултати од сегашните.

Сепак, Борисов ќе мора да се обиде да формира влада барем заради своите гласачи. Бугарскиот социолог Андреј Рајчев, на пример, смета дека коалиција не е можна без Движењето за права и слободи, бидејќи тие имаат сериозен резултат. Според Рајчев, кон ГЕРБ може да се приклучи и партијата на Стефан Јанев, Бугарски подем.

Иако се правеа калкулации дека социјалистите би можеле да влезат во ваква коалиција, претседателката на БСП, Корнелија Нинова се изјасни дека нема да поддржат влада на ГЕРБ и дека нема да влеза во коалиција со Борисов и со ДПС. Според неа, ГЕРБ победил и нивна е одговорноста да состават влада. А БСП ќе чека втор, трет мандат… ќе водат разговори, ама не со ГЕРБ. Нинова вели дека нови избори исто така не се добра опција, исто како ни техничка влада. Техничката влада, според неа, е обид за затскривање на политичката одговорност зад експертите.

И поранешниот премиер Петков изјави дека ГЕРБ, откако победи на изборите во Бугарија, мора да формира влада, а неговата партија Продолжуваме со промената ќе биде конструктивна опозиција. Тој е категоричен во ставот дека нема да коалицира со ГЕРБ и Движењето за права и слободи, бидејќи тие се доследни дека не можат да владеат заедно со овие партии поради корупција и криминал.

Без оглед на тоа која од варијантите ќе се реализира, бугарските политичари ја добија пораката со ниската излезност што значи дека државата нема повеќе право на грешки бидејќи продолжувањето на политичката нестабилност би ги продлабочила пред сè економските проблеми.

Борисов фаворит на Бугарите во Македонија, поддршка и за Каракачанов

На гласањето на предвремените избори во Бугарија, најголем дел од регистрираните бугарски гласачи во Република Северна Македонија гласале за ГЕРБ – 127, потоа за ВМРО-БНД – 91 глас, 69 гласа доби Продолжуваме со промената на Петков и Василев, додека 38 гласале за Демократска Бугарија, 30 за Преродба на Костадинов и, најмалку, 22 гласа доби Има таков народ на Слави Трифонов. На седум локации во земјава, како што објави БТАС, гласало вкупно 461 лице, а најголем број – 172, гласале во бугарската амбасада во Скопје. По главниот град, најмногу гласачи имало во Кавадарци (68), Струмица (67), Охрид (56), Битола (53), Прилеп (33), а во новоотвореното гласачко место во Велес се пријавиле само 12 гласачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот