По два месеца, конечно приватните превозници се на средба во Град Скопје, очекуваат позитивен исход

Приватните автобуски превозници, утрово, како што беше најавено, се примени на средба во Град Скопје.
Тие пред една недела се собраа пред дирекцијата на ЈСП и бараа средба со директорот на претпријатието Александар Стојковски, па откако тоа не се случи, се заканија дека повторно ќе почнат со протести со блокади на сообраќајниците доколку до денес не се одржи средба со градоначалничката Данела Арсовска и не се најде решение за долгот којшто тврдат дека го има Град Скопје кон нив.
Иако, додека траеја протестите пред два месеца, Арсовска одбиваше средба со нив со образложение дека нема да попушти пред уцени и закани, во интервју за МИА, истакна дека треба да се разговара со приватните превозници и да се најде решение со нив. Во меѓувреме, неуспешни беа обидите на Град Скопје преку два јавни огласи да најде нови превозници на одредени линии, а советниците пак не дозволија да се трошат пари од градскиот буџет за набавка на нови автобуси.
До кога ќе трае средбата не се знае, но превозниците се надеваат на добар исход.