По дождот или пред вистинската бура

Тони Поповски. / Фото: Архива на Слободен печат

Доколку и понатаму сакаме (без оглед на тоа што сме блокирани) да заличиме на примерно европско општество и држава, во носењето на Европа кај нас може целосно да се потпреме на Европската комисија, но и на најголем дел од останатите 26 членки на ЕУ, чекајќи Бугарија да стане вистински, а не само формално европска.

Станав изутринава со чувство дека сум ветоизиран или поблиску опишано, политички силуван. И знам дека со повеќемина од вас го споделувам тоа чувство, и тоа сепак е, некаква утеха. Ова е засега само наше чувство, но за жал и наше емотивно искуство, кое се повторува и крајно време е да се опише барем во европските лексикони, бидејќи е непријатно чувство кое не би му го посакал никому. Не дека политички силувања нема на планетава, туку да се чувствуваш ветоизиран е оригинално наше непријатно чувство, земајќи предвид дека се повторува во безмалку 30-годишен процес на интеграција кој требаше да биде (а во одредени секвенци и беше) процес кој генерира пријатно чувство на личен и колективен ентузијазам. Благодарение на политичкото насилство овој процес станува непријатен процес.

Пред да преминам од емоционалното на рационалното, да повторам дека емоциите не ги потценувам, особено не во политиката. Политичкиот избор е емоционален избор. Кога ќе правите емоционален политички избор би ве замолил да го имате предвид следново:

Не го истурајте својот гнев врз Европската Унија

Бугарија е држава членка, но Европската Унија е нешто многу поголемо од Бугарија, барем сè уште. Европската Унија е и Европската комисија, која иако беше под огромен бугарски притисок, до КОРЕПЕР – телото на амбасадори на членки на ЕУ достави преговарачка рамка во која не беа интегрирани супрематистичките барања на Бугарија. Бугарија остана сама и изолирана во КОРЕПЕР, но тврда и упорна и од таа причина оригиналната рамка за преговори беше блокирана од Бугарија и не се најде на дневен ред за усвојување од страна на Советот за општи работи на ЕУ. Како стожер на европските вредности, Европската комисија уште еднаш докажа дека била отсекогаш и ќе остане наш сојузник, не дека нам ни е лојална туку е лојална на европските начела и вредности. Доколку и понатаму сакаме (без оглед на тоа што сме блокирани) да заличиме на примерно европско општество и држава, во носењето на Европа кај нас може целосно да се потпреме на Европската комисија, но и на најголем дел од останатите 26 членки на ЕУ, чекајќи Бугарија да стане вистински, а не само формално европска. Сојузник ни е и мнозинството во Европскиот парламент, зелените, либералите, социјалистите, а наскоро и мнозинството од европската народна партија.

Не истурајте го својот гнев врз бугарскиот народ и врз НАТО

Бугарскиот народ не го сочинуваат само супрематисти (врховисти) иако имаме впечаток дека се мнозинство. Како и во секој народ, има поединци кои говорат и се однесуваат човечки и етички. Тие луѓе се мои сестри и браќа, не по род и национален геном/корени, туку по вредности. Такви сестри и браќа Бугари имам, а имам и сестри и браќа Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Валонци, Фламанци, Французи, Германци и да не ги бројам. Тоа е моето семејство и моето огромно богатство.

Направениот компромис со Грција, додавката Северна во Република Македонија, повлекувањето од наводниот антички корен, но признаени како Македонци (народ и јазик) беше изнуден во асиметрична позиција. Овој компромис го забетонира нашиот идентитет во ООН и нѐ однесе во НАТО. НАТО е безбедносен чадор, кој превенира прелевање конфликти, но и внатрешни конфликти. НАТО е гаранција за постојните и идни инвеститори (домашни и странски) без кои не можеме да се развиваме. Бугарија нè блокира на патот во ЕУ, но бугарската држава немаше моќ да не блокира на патот кон членство во НАТО. НАТО, како и ЕУ, е нешто многу поголемо од Бугарија. Во НАТО седиме на иста маса со другите (за првпат во нашата современа историја), а не во чекална.

И натаму органски сме поврзани со ЕУ

Направениот компромис обезбеди едногласна одлука за почеток на преговорите и многу коректно подготвена рамка за преговори од страна на ЕК. Ова е заслуга на македонската држава и дипломатија, но и на нашето општество и на нашите вредности. Ние исчекоривме два чекора, на третиот во низа, Бугарија ни скрши колено, но сме се движеле повредени и ќе продолжиме да се движиме, па дури и за инает на супрематистите и силеџиите. И без оваа блокада, над 85 отсто од нашиот извоз е во ЕУ. Ние, иако не сме политички и административно интегрирани со ЕУ, економски, а со тоа и социјално, сме органски поврзани со ЕУ. Секој друг концепт е противприроден и неоргански. Од таа причина, секое скршнување од овој пат и водење на политика на заробена држава и изолационизам е политика против нашата перспектива и благосостојба.

Дури и во гневот кој е оправдан, сепак правете разлика кој искрено цели кон современа македонска држава на благосостојба. Притоа со очекување дека реторичката цел мора  да се претвори во дела, без девијации и со нулта толеранција за корупција.

(Авторот е независен консултант и поранешен министер)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот