По детскиот војнички поздрав, Хелсиншки бара казна за училиште во Гостивар

Хелсиншкиот комитет остро го осудува злоупотребувањето на учениците од гостиварското основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ за политички цели. Вчера на „Фејсбук“ профилот на училиштето беше објавена фотогафија на која се гледа како стотици ученици во придружба на настанвинците стојат под турското знаме, упатувајќи војнички поздрав за поддршка на турското воено движење, што несомнено алудира на турската воена офанзива во Сирија, наведуваат од Хелсиншки.

Веднаш по алармот, фотографијата е избришана од „Фејсбук“ профилот на училиштето:

Хелсиншкиот комитет забележува дека е прекршен законот за основно образование.

– Организирањето на ваквиот настан и иницирањето на ваквото постапување на учениците од страна на наставниот кадар и директорот на училиштето претставуваат директна повреда на чл. 11 од Законот за основното образование, кој експлицитно забранува секаков вид на политичко организирање и дејствување во основното образование. Воедно, чл. 172 од истиот Закон предвидува изрекување на глоба во износ од 1.600 евра во денарска противвредност ако се организира политичко и верско организирање и дејствување и се истакнуваат партиски и верски обележја во основното образование, односно ако се изврши повреда на чл. 11 – соопштија од Хелсиншкиот комитет.

Најавуваат дека за случајот ќе ги известат Државниот просветен инспекторат и омбдусманот, но и тие ќе преземат чекори.

– И со Законот за заштита на деца експлицитно се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување, а во член 12 став 6 од овој закон е утврдено дека: „Државата и институциите на системот се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето и за спречување на сите облици на дискриминација и злоупотреба без оглед на местото каде што се извршени овие дејствија, тежината, интензитетот и нивното времетраење“ – наведуваат од Хелсиншкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот