ПО БРЗА ПОСТАПКА: САД го ратификуваше протоколот за членство на Македонија во НАТО

Американскиот Сенат вечерва со 91 глас „за” и два против ја усвои Резолуцијата за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Претходно сенаторите гласаа Протоколот да се донесе по скратена постапка, што беше поддржано од 84 сенатори, а двајца беа против.

-Честитки! Нашиот НАТО Протокол е ратификуван во Сенатот на САД со 91 глас „за” и само два гласа „против”, напиша на Фејсбук министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

САД се 25-тата членка на НАТО што го ратификува Протоколот за пристапување на земјава во Северноатлантската алијанса.

Очекувањата се дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.

Засега неизвесно е дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.

Протоколот треба да се комплетира и во Франција, каде помина во Сенатот, а сега за него треба да се гласа и во Националното собрание. Процесот треба да заврши и во Холандија и Исланд.

Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот