Белгиската медицинска агенција, по барање на Европската Унија (ЕУ), почна истрага за намалениот обем на испораки на вакцини од фабриката на „АстраЗенека“ во близина на Брисел. Првата инспекција била вчера во фабриката „Сенефа” во Ено, соопшти денеска Министерството за здравство на Белгија.
Истрагата е на барање на ЕУ поради сомнежи во образложението на „АстраЗенека“ за очекуваното намалување на испораката на вакцината за европскиот блок.
„АстраЗенека“ соопшти дека ќе може да достави само 25 отсто од 100 милиони дози до крајот на март на земјите од ЕУ, поради проблеми во белгиската фабрика која е во сопственост на француската научна компанија „Новасеп“.