По 87 години, властите ја селат Белградската зоолошка градина, има многу реакции

Фото: Beozoovrt.rs

Белградската зоолошка градина, која се наоѓа во подножјето на тврдината Калемегдан од нејзиното основање во 1936 година, ќе биде преместена на локалитетот Ада Циганлија на реката Сава, пишуваат српските медиуми.

Како што соопштија од управата на Градот Белград, првиот човек на српскиот главен град, Александар Шапиќ, утре со своите соработници Марко Стојчиќ и Роберт Ѓукиќ ќе ја посети Ада Циганлија, односно Ада Сафари, каде во иднина ќе биде сместена Зоолошката.

Засега сѐ уште не се знае што ќе има на местото на денешната Зоолошка, позната како „Градина на добрата надеж“ под белградската тврдина.

Таа била отворена на 12 јули 1936 година и е најголемата и најстара зоолошка градина во Србија. Основана е од тогашниот градоначалник, индустријалец Влада Илиќ, на Петровден.

Првите жители на градината биле: лавови, леопарди, бели и кафеави мечки, волци, макаки и мангабеј мајмуни, антилопи, биволи, зебу, муфлони, елени, срна, штркови, кранови, пауни, фазани, бувови, пеликани и папагали.

За време на Втората светска војна, зоолошката градина била погодена за време на нацистичкото бомбардирање на Белград во април 1941 година, кога, според тогашниот директор Александар Крстиќ, загинале и луѓе од околните згради, кои се криеле во градината, мислејќи дека таа нема да биде цел на нападот. Три години подоцна, зоолошката градина била бомбардирана и од сојузниците – Американци и Британци.

За актуелниот имиџ на Белградската зоолошка градина е заслужен српскиот вајар Вук Бојовиќ, кој беше директор цели 28 години – од 1986-тата, до неговата смрт во септември 2014 година.

Во српските медиуми и на социјалните мрежи има многу реакции, главно негативни, на потегот на градските власти со преместувањето на Зоолошката градина. Дел од коментарите се дека властите, во протежирањето на градежната експанзија, жртвуваат култно место во градот и многудецениска традиција. Други коментари, пак, го поздравуваат преселувањето, наведувајќи дека сегашниот простор е многу тесен и несоодветен за многу од животните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот