По 30 години Општина Шуто Оризари доби полициско одделение – Слободен печат
ВестиСкопје

По 30 години Општина Шуто Оризари доби полициско одделение

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот на Општината Курто Дудуш на отворањето на канцеларијата пред граѓаните порачаа дека целта на ова полициско одделение е да се придонесе кон поголема безбедност на општината

По речиси 30 години Општина Шуто Оризари доби полициско одделение од општа надлежност кое ќе функционира во рамки на полициската станица Чаир.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот на Општината Курто Дудуш на отворањето на канцеларијата пред граѓаните порачаа дека целта на ова полициско одделение е да се придонесе кон поголема безбедност на општината.

– Имаме преубав објект, мотивирани работници и нов командир кој ќе се грижи за безбедноста на граѓаните од Шуто Оризари. Вложивме над два милиони денари средства од буџетот на МВР за да го реализираме целиот проект. Се надевам дека со ова ќе придонесеме безбедноста на општината да биде на повисоко ниво, а партнерството меѓу граѓаните и полицијата ќе се зајакне, истакна Спасовски.

Министерот рече дека очекува граѓаните да соработуваат со македонската полиција за потребите што ги имаат, како и да се информираат за нивните права како превентивно да се делува во делот на безбедноста, а со тоа заеднички да се придонесе и за безбедноста на Градот Скопје и на државата.

Градоначалникот Дудуш кажа дека денешниот ден за општина Шуто Оризари е празник.

– По 27 години постоење на нашата општина во Шуто Оризари се отвора полициско одделение. Иако во минатото имаше повеќе обиди за отворање на вакво одделение, сепак немаше слух. За ова со министерот Спасовски разговаравме не повеќе од шест до осум месеци и денеска имаме полициско одделение кое ќе се грижи за безбедноста на општината, истакна Дудуш.

Министерот Спасовски и градоначалникот Дудуш во новоформираното полициско одделение остварија средба на која разговараа за меѓусебната соработка, како и за обновување на врската меѓу локалната заедница и полицијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close