По 3.000 евра казна за петмина несовесни граѓани

Македонска полиција/ Фото: Миа

Четворица од обвинетите не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Македонија.

Основното јавно обвинителство од Струга до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за кривично дело nепостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Четворица од обвинетите не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Македонија. Во одделни кривично правни настани полициски службеници констатирале дека тие го прекршиле полицискиот час и без да поседуваат дозвола се движеле на различни локации во и околу Струга.

Петтиот обвинет, пак, 20-годишен скопјанец, се вратил од странство со хуманитарен лет организиран од Владата и по пристигнувањето му бил одреден задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга.

Но, на 6 април неколкупати излегол од собата и бил затекнат од полициски службеници. Откако полицајците го предупредиле дека не смее да ја напушта собата, тој им возвратил недолично и со висок тон, па полициските службеници интервенирале и го вратиле во собата.

Надлежниот јавен обвинител за сите обвинети му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра во денарска противвредност.​

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот