По 3.000 денари месечно за младите што ќе се вработат во производство

Младите до 23 години што ќе се вработат или самовработат во претежно производна дејност или кои се занимаваат со земјоделска дејност, ќе добиваат месечен додаток од државата во износ од 3.000 денари. Министерството за труд и социјална политика подготви нацрт-закон за младински додаток што ќе се усвојува по скратена постапка во Собранието, а треба да се применува од 1 декември 2019 до 30 ноември 2022 година. Целта на ова решение е да се поттикнат учениците да се запишуваат во средните стручни училишта и да се вработат во струката по завршувањето на средното образование, да се подобри нивниот животен стандард, како и да се задоволат потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.
Исплатата на младинскиот додаток ќе чини 13,2 милиони денари месечно, односно 158,4 милиони денари годишно (2,5 милиони евра), а парите ќе се обезбедат од Агенцијата за вработување.
„Исплатата на младинскиот додаток ќе има позитивно влијание врз вкупната економија, ќе се зголеми вработеноста на младите лица и ќе се обезбеди работна сила со најмалку средно образование во согласност со потребите на работодавачите од производните дејности. На подолг рок, подобреното деловно работење ќе предизвика и поголем економски раст и развој на Република Северна Македонија“, се вели во образложението на законот.
Младински додаток ќе може да користи младо лице кое е опфатено со задолжителното социјално осигурување врз основа на вработување во претежна производна дејност или како индивидуален земјоделец. Исплатата ќе се врши најдоцна до 25-ти во месецот за претходниот месец по исплатената плата, а за индивидуалниот земјоделец по извршената уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување.
Според предлагачот на законот, во Македонија се спроведуваат активни програми и мерки за вработување на младите лица, но и покрај тоа стапката на невработеноста на младите на возраст од 15 до 29 години и понатаму е висока и изнесува 28,3 отсто во вториот квартал од 2019 година. Од сите невработени лица, млади се 24,2 отсто.