По 29 години, инфлацијата во Германија надмина пет проценти

Пазарење во маркет
Пазарење во маркет/ Фото Архива на Слободен печат

Годишната инфлација во Германија минатиов месец надмина пет проценти, за прв пат по околу 29 години, покажаа денес податоците на државниот завод за статистика, пренесува Политико.

Потрошувачките цени во Германија пораснале за 5,2 отсто во споредба со истиот месец минатата година, објави Дестатис во првата проценка.

Тие се зголемија за 4,5 отсто во октомври.

Индексот на потрошувачки цени што се користи во ЕУ за да се овозможи споредување меѓу земјите покажува пораст на цените од 6,0 отсто во споредба со ноември минатата година.

Во споредба со октомври, потрошувачките цени во најголемата европска економија во ноември се зголемиле за 0,2 отсто, покажуваат прелиминарните податоци на Дестатис.

Што генерира инфлација?

Главниот двигател на инфлацијата во последните месеци беше наглиот раст на цените на енергијата во контекст на закрепнувањето на глобалната економија од кризата со коронавирусот.

Така, сметките за енергија во домаќинствата во ноември биле за 22,1 отсто повисоки во однос на истиот месец лани, покажуваат прелиминарните податоци.

Повисоката стапка на инфлација ја одразува и ниската споредбена основа во втората половина на 2020 година, кога владата привремено ја намали стапката на данокот на додадена вредност за да ги поддржи трошоците во ковид кризата. Од почетокот на оваа година повторно се во сила редовните стапки на ДДВ.

Економистите очекуваат пониска стапка на инфлација од почетокот на следната година, бидејќи тој фактор ќе опадне.

Економските советници на владата во Берлин неодамна најавија дека стапката на инфлација во 2022 година треба да падне на 2,6 отсто.

Трендовите на инфлација се важен показател за Европската централна банка (ЕЦБ) во креирањето на монетарната политика. За 19-те земји од еврозоната кои ја користат заедничката европска валута, таргетираат годишна инфлација од два отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот