„ПНВ Публикации“ објави превод на книгата „Потстанар“ на Филип Грујиќ од Србија

Промоцијата на романот „Потстанар“ од Филип Грујиќ од Србија се одржа на 5 октомври на платото пред МКЦ. Романот е издание на „ПНВ Публикации“, а преводот од српски на македонски јазик е на Сашо Огненовски, кој во присуство на авторот беше и промотор на книгата.
Разговорот со авторот го модерираше Јулијана Величковска. Изданието е поддржано од Министерството за култура и информирање на Република Србија.
– Романот „Потстанар“ е забавно четиво, се чита брзо, плени со својата едноставност и тематски и стилски, непретенциозен е и предизвикува размисли, многу често насмевки, но и едно чувство на мачнина, предизвикано од блуткавоста и застојаноста, од монотонијата на секојдневниот живот, кој колку и да носи предизвици, недоразбирања и навидум сложени ситуации во меѓучовечките односи, во голема мера е предвидлив, а со тоа и здодевен. Атмосфера што е одлично доловена во оваа книга, посочи Величковска.
Филип Грујиќ (1995, Нови Сад) е дипломиран драматург, кој живее и работи во Белград. Неговиот роман „Потстанар“ беше во потесен круг за НИН-овата награда и во потесен круг за наградата на Европската Унија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 100, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-11 октомври 2021)