„ПНВ Публикации“ ја објави стихозбирката „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри

Деновиве од печат излезе стихозбирката „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри (Сирија/Франција) во препев од англиски јазик на Јулијана Величковска. Збирката е во издание на „ПНВ Публикации“ и поместена е во едицијата „Гравири“, препознатлива по печатените кјуар-кодови што читателите ги поврзуваат со аудиоснимка направена специјално за ова издание, и на која можат да слушнат како дел од песните застапени во книгата звучат прочитани лично од авторката, на нејзиниот мајчин арапски јазик.

Со песните во стихозбирката, Марам ал-Масри се става во улога на сведок на страдањата на нејзиниот народ во Сирија, давајќи им глас на оние што веќе не можат да зборуваат, артикулирајќи ја за нив и со нив страста за слободата, која е движечката сила во нивната борба за слобода. Ова е книга со прониклив и трогателен звук на тажаленки за сите жртви од таа ужасна војна и за сите неизброени осакатени и мртви.

– Оваа книга е омаж на сите жртви што своите животи ги загубија во бомбардирањата, што беа убиени и измачувани. Исто така е и омаж на сите семејства на кои никаква радост, ниту онаа на победата, не би можела да им ја избрише горчината од загубата на своите сакани – истакнува поетесата Марам ал-Масри, која досега двапати гостувала на Струшките вечери на поезијата, а пред десетина години беше гостинка и на Поетската ноќ во Велестово.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот