ПМС: За ПМС-от, менструацијата и влошките

влошки циклус менструација
Фото Профимедиа

Три дена бев вистинска аждаја и конечно се случи тоа – добив менструација. Какво олеснување. Натечените гради ми спласнаа, стомакот ми се издиша, живците ми се смирија, и некаде пред полноќ истрчав до првото гранапче, по влошки. Еден модел е, од оние старинските, со памук и мрежичка.

-Колку треба за улошкиве?

Продавачот ја подава раката, ми го одзема одбраниот производот и поентира:

-Чекај да им ставам книже.

-Што да им ставиш?!, – не го разбрав, ама тој веќе работи на случајот влошки. Педантно ги витка во хартија од весник, па пакетот го става во ќесе, и ми го подава.

-Е, добро ти текна, да не ме гледаат комшиите, така?! – се мајтапам, но неговата фаца останува сериозна. Кимнува со главата.

Не одговорив ништо. Зашто, во моментот кога капнаа првите капки крв, како спасителки, ја протераа аждајата во мене. А, кога таа не е тука, не влетувам во хистерични конверзации.

Ама, замислете да беше. Веројатно ќе започнев нервозна дискусија, која поставува тези и ги брани со факти. Многу веројатно ќе го прашав чичево дали жена му е нон-стоп во овулација, ќе го потсетев кој век „сме“, ќе му вреснев итно да го дислоцира дуќанчето од центар, па ќе следуваа цитати од „Вториот Пол“ од Бовоар, ќе продолжев со „Алиса во земјата на чудата“, ќе се задржев на сцената каде Алиса, и покрај ризикот да ја загуби главата, црта црвени рози, па од розите на Алиса ќе се префрлев на црвените камелии на Дамата на Дима, ќе кулминирав со трилер-романот „Кери“ од Кинг – за попластично да ги одбранам тезите – најверојатно ќе продолжев со неговата филмска екранизација од Де Палма, попатно, вербално ќе поминев низ есеите од поновата книжевност, како „Ова е мојата крв“ и „Книга на вагината“.

Потоа, ќе следуваа и цврстите факти: Околу 2.400 дена во својот животот, жената крвари од вагината. Во плодната доба, на секои 28 дена, жената „добива“ менструација која трае од четири до шест дена, а просечната загуба на крв за време на менструацијата е 35 милилитри. Менструалниот циклус е природен и неопходен: хормоните го регулираат производството на јајце клетки, додека ендометриумот се одлепува од матката, се распаѓа и го напушта телото во форма на менструално крварење. И точка.

Ако ова сите го знаеме и ако ова е нешто природно и неопходно, зошто тогаш шепотиме пред зборот менструација, како да е нешто срамно или нешто што мора да се сокрие.

Сега, сами пресметајте колку денови во својот живот жената поминува со ПМС, земајќи предвид дека „нервозните денови“ можат да се развлечат и на цела една недела.

Па, драги маженца, ако случајно сте „залутале“ на оваа страничка (а би требало и вие да нè следите),  наместо да гунџате, разберете го вашето домашно аждајче во деновите со ПМС. Гушнете ја. Тркнете да ѝ купите влошки. Помогнете и на вашата другарка, пријателка, колешка, (не)позната девојка, жена… Ич не е срамота, (срамота е обратното на ова), фраерски е!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот