ПМС: Стилот нема никаква врска со дизајнерската облека која ја носите

профимедиа

Често слушаме – оваа личност има стил – но, што е стилот? Нешто што го надминува изгледот. Едно е сигурно, стилот нема никаква врска со логоата, трендовите и модните марки. Стилот е вкус, образование и култура. Да се има стил значи да не ја покажеме нашата култура како таа да е опашка од паун. Да се има стил значи да не истуриме врз себе шишенце „Шанел 5“ за да покажеме дека сме богати. Да се има стил значи да се има мерка. Да се има стил не значи да бидеме забележани, туку да бидеме запаметени. Да се има стил значи да бидеме свесни за себе и одлично да се познаваме.

Коренот на зборот стил го наоѓаме во старогрчкиот јазик, во зборот стилос. Зборот стилос, денес, значи пенкало. Сепак, во времето кога пенкалата не постоеле, стилос значело столб. Во форма пак, на глагол, стил би можело да значи и нешто што се поддржува (стилоно, на грч. поддржувам). Стилот е оној ментален чин во кој што видливо го поддржувам мојот естетски концепт на мојата надворешна слика, на она што сум јас од внатре, или стилот е надворешна видлива слика на организацијата на она што е внатре во мојот ум и мојот дух.

Во современиот јазик, малку од тој „столб“ останува навистина во дефинирањето на поимот стил. Значењето на стилот денес е банализирано и деградирано до онаа мера со која може да се премери – гардеробата и луксузните модни етикети. За многумина сега, стилот е облеката, чевлите, чантата, марката, креаторот… Ама, тоа нема врска со стилот. Зашто стилот е продолжение на внатрешната личност преку манифестација на облеката. Или: мојот стил е она што се добива кога некој би ме „превртел“ од внатре кон надвор. А, не само прост израз на тоа како јас сакам да бидам виден од другите.

Ете, затоа, пред да облечете нешто, замислувајќи се дека сте стилизирани, поставете си ги искрено овие две прашања – Колку се чувствувате удобно во тоа што го носите? И, дали тоа што го носите е навистина сликата на она што го носите „од внатре“? Само тогаш ниту еден вечерен фустан нема да ви биде недоличен ако го облечете и дење, и ниту еден работен костум нема да асоцира на канцеларија ако го облечете навечер. Доколку умеете буквално да го претставите расположението на вашата душа, онака како што навистина таа се чувствува, никогаш нема да залутате во стилот. Едноставно, а толку недостижно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот