ПМС: Само да ти кажам дека многу те сакам

Тој ужива да се забавува со неа зашто го слуша, зашто е премлада, зашто се радува на секое парфемче и на секој пар чевличиња. Башка, и убава е, висока и згодна. Таа не може да живее без него зашто без него нема да мириса толку убаво, нема да се облекува толку скапо и нема да може ни да помириса хедонистички порции храна во луксузните ресторани. А, и веќе не сака да се мува со типчињата кои немаат „вода в очи“ и кои, освен љубов, немаат што да ѝ понудат.

Тој е добростоечки маж, на прсти врти неколку бизниси. Стомакот му е надвиснат над ременот, проќелав е, а и видот му е доста ослабнат. Не е ни чудо, на возраст е од околу 50-на години, според датумот на раѓање од личната карта, ама изгледа како за шеесет и кусур. Но, која уште лична карта се зема сериозно? Датум на раѓање, единствен матичен број, рок на важење, регистарски број покус од матичниот, датум на издавање, потпис и – адреса на живеење! Освен последново, ништо претходно и не е важно. Нејзе не ѝ е важно.

Таа, тукушто извадила лична карта. Има 18. или 19 години, ама изгледа како за 30-на. Видот и е во совршена состојба, впрочем, исто како и телото. Не ѝ пречи што тој е многу постар и многу понизок од неа. Со другарка ѝ, често се мајтапат, дека се совршен пар – тој ќе се поткачи на паричникот и ете, исти се по висина.

Го стега цврсто за левата рака. На десната, тој носи бурма. Во паричникот, кој многу често го отвора и затвора, покрај кредитните картички, чува и фотографии од неговото семејство. Од убавата сопруга, во некои помлади години, и од двете три-четири годишни деца кои денес се малку постари од девојката која сега седи спроти него на масата. Безрезервно ги обезбедил. Безрезервно бил отсутен од дома. Секогаш кога ќе го отвори паричникот се потсетува на нив. Штом го затвори, ги заборава.

– Јас би јадела карпачо од лосос и од онаа свежата салата со моцарела, – му вели таа, зјапајќи час во менито, час во новите чевличиња со две лакирани ремчиња од страната, купени веројатно на „Цимитцки“ за нешто повеќе од двестотини евра.

Во меѓувреме, тој ѝ ги раскажува најневеројатните приказни што таа никогаш немала прилика да ги чуе. Раскажува во серии, зашто секогаш кога следува најинтересното, му ѕвони мобилниот. Таа сега зјапа во неговото телефонче. Потоа, ја отвора чантата од која го извлекува нејзиниот мобилен. Проверува да не има пропуштен повик. Истото го прави при секое е-пе-пе од серијата приказни кои тој ѝ ги раскажува.

– Дај смени го веќе тоа телефончиште!, – тој прави мала дигресија.

Таа пак, е на готовс да искамчи нешто:

– Лелеее колку го сакам оној новиот Ајфон, кога ѕвони целиот светка, може да биде украсен и со „сваровски“ кристалчиња, со што ли не…

– Оди земи си го утре, јас ќе поминам да го платам. Или, нека ти го тргнат настрана, кажи им, избери го ти, за да не ти го згрешам.

Таа веднаш станува порасположена. Задоволно ја префрла косата на другата страна од патецот, дувнува во предниот прамен и задоволно изустува:

– Види како блешти од оној Лореалот! Не бе, ти викам, не се исти производите тука и во странство. Којзнае што шљам тука ни праќаат.

Тој се согласува со нејзината забелешка. Таа се извинува што мора да го посети тоалетот. Оттаму испраќа два ес-ем-еса. Првиот, до нејзината пријателка – „човеков е срце, го имам Ајфонот!“. Вториот, до нејзиното момче, врсник, студент по медицина и голтар, со кого се забавува три-четири години, ама последниве две добро го мавта. Пред да стисне „сент“ ја препрочитува пораката: „Учиш? Не можам да зборам тука од мајка ми, ми виси над глава…Само да ти пишам дека многу те сакам!“

Потоа, се враќа назад на масата. Морските плодови се веќе сервирани, со сите пропратни пикантерии. Но, пред да седне, таа се навалува до неговото уво и му шепнува – „само да ти кажам дека многу те сакам!“

Сега и тој е задоволен. Тој знае дека таа е сериозна кога ова му го кажува. А, деновиве, ова му го кажува сè почесто. Во мигот одлучува да ја доосвои. Да ја дозбудали. Да ја доуништи.

– Што не дојдеш викендов со мене до Солун, ќе удриме еден добар шопинг. Само да го видиш хотелон, лудница е, со џакузи, со масажи, со фитнес, чуда-врагови… Ќе те тинтраат ко кралица!

Таа го губи апетитот задлабочена во штотуку паднатиот предлог. И со мислите, веќе е пренесена во Солун, со ќесите в раце, се одмора со чаша шампањско…ко кралица!

– Ти навистина си едно големо срце!, вреснува од среќа. Потоа, малку се замислува и храбро го прашува:

– Ме сакаш?

– А, кој може тебе да не те сака мацо, – ѝ одоговара тој, оставајќи му ситниш на келнерот.

Заедно влегуваат во големиот џип паркиран поткачен на тротоарот пред самиот влез на ресторанот. Тој повторно зборува на мобилниот, а таа повторно проверува да не има испуштени повици. Има само една порака, од нејзината пријателка:

– Ај, ма, жити сè, кажи му на твојов да ми најде некој како него од тоа другарите.

Оваа ѝ одговарa:

– Ќе му кажам во Солун, на арно да го фатам.

Други пристигнати пораки нема. Нема ни пропуштени повици. Нема ни одговор на оној СМС кој го испрати од тоалетот „…само да ти кажам дека многу те сакам“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот