ПМС: Боди позитив сте? Хм…, себеприфаќањето не оди баш така лесно

Profimedia

Колку пати сте се чувствувале виновни за вишокот килограми, дури и тогаш кога вашиот нов изглед е допадлив за другите? Колку пати сте биле жртвa на диетите и изгладнувањата, робови на тежнеењето кон допадливо тело? Колку пати сте ги прифатиле вашите недостатоци „од прва“, без „око да ви трепне“, и дали навистина сте ги прифатиле? Најпосле, врз основа на кои критериуми можете да зборувате за „здраво“ тело? Дали само повикувајќи се на бројката која ја покажува вагата? И какви чувства будат во вас зборовите „масти“, „прекумерна тежина“, „прекумерна големина“? Дали ги чувствувате како навреди наместо како едноставни дескриптори, на ист начин како што ги чувствувате зборовите „слаба“, „висока“, „русокоса“?

Прво, треба искрено да си одговориме на овие прашања, за искрено да можеме да зборуваме за позитивниот став кон телото. А, за конечно да го изградиме таквиот став кон сопственото тело, треба да изградиме искрена и стабилна врска со своето тело како израз на сопствената личност и врз основа на свеста која ја имаме за себе. Хм…, тоа не оди баш така лесно, нели?!

Феминистичкото движење „Боди позитив“, кое благодарение на социјалните медиуми, но и на кампањата на козметичката марка „Dove“ во 2004 година, го зеде својот замав, ја пропагира позитивната идеја дека сите тела се убави, без оглед на нивната форма – повеќе или помалку стереотипна. „Запомнете, вашето тело чувствува сè што мислите“, е еден од доминантните слогани на поддржувачите на ова движење кое инсистира на прифаќање на себеси онакви какви што сме, истовремено одрекувајќи се и од психолошкиот притисок што нè турка да се прилагодиме на неодржливите стандарди за убавина и виткост, особено диктирани од модната индустрија. Да не се суди за нечија телесна тежина е, секако, позитивна порака, бидејќи ги ослободува жените од континуираното објективирање на нивните тела на кое отсекогаш биле подложни. Но, сепак, идентификувањето на проблемот, автоматски не го решава истиот. Петнаесет години подоцна, ние сè уште дебатираме на оваа тема, без да се случат некои поголеми промени. Дури и немаме македонски превод на „Боди позитив“.

Филозофијата за позитивен став кон сопственото тело не е нова. За таканаречениот „гојазен феминизам“ се зборуваше уште во доцните шеесетти и раните седумдесетти години, а особено со објавувањето на Манифестот насловен „Фет Либерејшн“ на Сара Фишман и Џуди Фриспирит, во 1973 година. Меѓу иницијативите започнати во 90-те, се прогласи и Меѓународниот ден без диети, предложен од англиската активистка Мери Еванс Јанг и сè уште се слави на 6-ти мај, знаевте за овој ден?

Но, како да изградиме позитивен однос кон нашето тело? Пред сè, „body positivity“ не треба да значи да се има стандарди на убави и здрави тела, или да се најде вистинско тело за секого, туку треба да биде токму отфрлање на стандардот. Не треба да биде прашање на избор на кој модел на тело да се прилагодиме за да бидеме среќни и задоволни: на витко тело, на тело со облини, на дебело тело, или на фит тело, туку – да одбиеме присилно да влеземе во билокаква категоризација. Сепак, и понатаму доминантни се феминистичките дискусии кои се однесуваат на изгледот на жените – Што е повеќе феминистички? Да се избричам под пазувите или не? Да имам стрии? Да бидам на диета или не? А, поентата е баш во спротивното – да се оддалечиме од овие логики. Ама, сè уште немаме ни сила ни слобода за тоа. Од друга страна пак, пазарот не сака да ни дозволи да нè извлече од овој ќор-сокак, нудејќи ни женски производи за разубавување и за слабеење. Исто како и „Dove“, кои изградија цел имиџ од оваа чувствителна тема, и другите модни и козметички марки препознаа одличен начин за рекламирање, ребрендирање, лесен начин да го „исчистат“ својот имиџ и да изгледаат поинклузивни, најбрз начин да се каже „правиме нешто добро“. Најпосле, и начин да се обратат на дури 96 отсто од жените.

За да бидеме доследни на „Боди Позитив“ енергијата, треба да го погледнеме своето тело на позитивен начин и да го прифати безусловно, дури и кога тоа не е онакво какво што го замислуваме. За многумина, оваа борба е префрлена само на уште поемотивно ниво. Прифаќањето е многу покомплексна постапка отколку читање порака, политички коректна, по секоја цена и повторување на мантра, или џвакање и варење.

Единствениот начин да се спречи дискриминацијата и незадоволството поврзано за нечиј изглед е образованието, кое треба да започне од „мали нозе“ и да учи дека различноста е нормална и таа е навистина богатство. Можеби планот треба да се придвижи уште понатаму. Би сакала да изгубам неколку килограми, да си дадам повеќе време за културни настани, да си купам моливче кое ќе ми ги истакне очите, да бидам повеќе дарежлива и да научам да се сфаќам себеси помалку сериозно. Мојот стремеж за подобрување од културна, етичка и морална гледна точка го има истото достоинство како и волјата да интервенирам на она што претставува недостаток за мене од естетска гледна точка.

Позитивниот став кон сопственото тело треба да биде спокојство. Спокојни ли сте кога ќе се погледнете во огледалото, и дали тоа го правите без страв? Се чувствувате ли осамени во своето тело? Дали можете да бидете психички посилни наспрема прогласените „непријатели“, особено против своите лични, внатрешни непријатели? Сè додека сме жртви на изборот на идеалот, остануваме робови на „перфекционизмот“, дури и кога зборуваме за прифаќање на нашите недостатоци.

Прифаќањето на сопственото тело не е толку едноставно за да се постигне само благодарение на слоганот „прифати се“. И не е прашање само на нашите психолошки слабости, и до она зошто, и понатаму, наседнуваме на пораките кои секојдневно ги слушаме од сите страни. Пораките кои нè наведуваат да веруваме дека сакањето на сопственото тело е лесно, всушност, уште повеќе нè збунуваат и ни внесуваат поголема несигурност. Бидејќи не постои единствен пристап кој е добар за секого кога станува збор за самоприфаќањето. И тука е утката на приврзаниците на „боди позитив“. За сега, тие се далеку од ефикасна борба за телесна слобода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот