„ПМГ Џез“ концертно ќе ги промовира своите изданија на фестивалот „Крај Вардарот џез“

Оливер Јосифовски, Владан Дробицки, Вера Милошевска-Јосифовска и Мирко Попов

Дискографската куќа „ПМГ Џез“ го најави второто издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, кое ќе биде отворено на 5 септември со концертни настапи на групите „Љубојна“ и „Кантон 6“ во Парк МКЦ.

Отворањето на фестивалот е во знакот на концертната промоција на винилното издание со филмска музика „Стела“ на групата „Љубојна“, која истовремено ќе прослави 20 години постоење и работа на музичката сцена. Истоимениот филм „Стела“ е во режија на Стојан Вујичиќ, а во продукција на „Дрим фактори“. Скопскиот бенд „Кантон 6“ таа вечер ќе го промовира материјалот од нивниот троен албум „Џезус“.

Програмата на фестивалот „Крај Вардарот џез“, практично, почна со слушачка промоција на албумот „Стела“ на „Љубојна“ на 3 септември во кафе-бар „Котур“, а по концертот на 5 септември ќе следуваат и слушачка промоција на винилното издание „Крај Вардарот џез 1“, компилација од повеќе автори кои издаваат за „ПМГ Џез“, што ќе се одржи на 10 септември во кафе-книжарницата „Буква“, а ќе заврши на 6 октомври во кино „Фросина“ во МКЦ со заеднички концерт на групата „Такси конзилиум“ и пијанистот Дино Имери.

Дискографската куќа „ПМГ Џез“ е иницирана и основана од Мирко Попов и Владан Дробицки, постои околу три и пол години и веќе објави 30-ина албуми со музика од македонски автори. Со своето постоење „ПМГ Џез“ иницираше вистински нов бран на артисти, а фестивалот „Крај Вардарот џез“ е можност дел од тие автори во живо да се претстават пред публиката.

– За кусо време успеавме да издадеме релативно голем број автентични и квалитетни музички изданија, кои според добрите познавачи, поттикнаа нов бран на македонската, но и регионалната сцена. Откривањето, развојот и презентацијата на извонредниот квалитет, кој постои во Македонија, е главниот интерес на „ПМГ Џез“ и фестивалот кој го организираме – објаснува Мирко Попов, кој повеќе од 20 години е дел и од „ПМГ Рекордингс“.

Винилното издание и концертот на 5 септември „ПМГ Џез“ го најавија заедно со членовите на групата „Љубојна“ – Оливер Јосифовски и Вера Милошевска-Јосифовска.

– Голем успех и задоволство е кога најавуваш нов албум. „Стела“ е винил-издание кое од овие 20 години работа, ги открива новите музички визии на „Љубојна“. Специјално значење има затоа што е оригинална музика од играниот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ. Музичкото ткиво е интересен фјужн на изрази и идеи. Големо благодарам за соработката и вложениот труд на издавачката куќа „ПМГ Џез“ и продукциската куќа „Дрим фактори“ за заедничката љубов која направи овој винил да е во наши раце и чија што музика во живо ќе зазвучи во недела на фестивалот „Крај Вардарот џез“, еден од моите омилени фестивали – истакна Вера од „Љубојна“.

Во однос на програмата на второто издание на „Крај Вардарот џез“, кое годинава не е поддржано од Министерството за култура, Владан Дробицки истакнува дека се одлучиле да промовираат проекти кои првенствено се продуцирани за нивната издавачка куќа и кои во моментов се врв во македонското џез-творештво, а потврда за нивниот квалитет веќе има и на интернационално ниво. Фестивалот ќе се одржи според пропишаните здравствени протоколи на Владата на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот