„ПМГ Џез“ го објави албумот „Фрагменти“ на тапанарот Дино Милосављевиќ

Првиот самостоен албум на тапанарот Дино Милосављевиќ, реализиран во рамките на музичкиот проект „LARTA“, е со наслов „Фрагменти“ (Fragments). Во проектот со свое авторско и изведувачко учество придонесуваат долгогодишните соработници Ѓоко Максимовски – бас, Васко Бојаџиски – саксофон и Владан Дробицки – тромбон, кој воедно се јавува и како продуцент на изданието.

Проектот „LARTA: Fragments“ е објавен како 38. издание на етикетата „ПМГ Џез“. Наскоро ќе следи промоција на изданието во Скопје. Снимањето на албумот е поддржано од Министерството за култура на РСМ.

Дејан (Дино) Милосављевиќ е еден од најистакнатите тапанари во земјава и на Балканот. Активен е на музичката сцена од почетокот на 90-тите години. Бил дел од Влатко Стефановски Трио цели 19 години. Соработува и со врвни и познати артисти, како Кирил Џајковски, Калиопи, Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман, „Анастасија“, „Мугер Фугер“, Стен Скиби, Раде Шербеџија, Бајага, Зоран Предин, Џибони, Владо Јаневски, Владимир Василевски – Четкар, „Ласт експедишн“, Каролина Гочева, „Меморија“, Игор Џамбазов Бенд, „Суперхикс“ и други.

Неговото артистичко умеење особено доаѓа до израз на албумите на „Сетстат“ (Sethstat), „Кабадајас“ (Kabadayas), „Беневентан трио“ (Beneventan trio), „Инфјуз“ (Infuse) и „Алшар“, проект на Никола Коџабашија.

Дејан Милосављевиќ е еден од основачите на „Skopje Drum Talks“, првото здружение за едукација и поддршка на тапанари во Македонија, кое веќе три години организира јавни настани поврзани со уметноста на овој инструмент.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот