Плоштадот во Бангкок

Иво Ранѓеловиќ

Се враќам во Бангкок, кој секогаш ме потсетува на онаа теза дека постојат и поубави светови од реалноста. Предноста на нациите што се впуштаат во походот кон мултиполарноста е што повеќе немаат друг избор. Другите сонуваат.

Овие денови како мантра одѕвонува крајот на униполарноста или светот онаков каков што го знаеме по падот на Советскиот Сојуз. Како и низ секој историски пресврт, се наметнуваат многубројни предвидувања за иднината на човештвото, со акцент на распределба на моќта помеѓу големите сили.

Семјуел Хантингтон овој пат верува во „уни-мултиполарност“ вклучувајќи елементи на двата поединечни модели, додека Ричард Хаас го нуди „неполаризираниот“ ред како контура на нов поредок. Забележителен дел, пак, од светската академија ги потпира своите уверувања врз потенцијалите на мултиполарноста, која означува свет што го карактеризираат повеќе од два центри (држави) на моќ и интерес.

Од денешна гледна точка многу е тешко да констатираме дека токму војната во Украина е историската пресвртница што ќе ја прелие чашата на некаква промена. Сепак, војната како да ги вклопува сите наши несигурности за поредокот кон Никсоновата теорија дека мирот е само состојба на кревка рамнотежа во животниот тек на општеството. Во отсуство на гаранција за релативниот мир, светот веќе чекори кон увертирата на новиот стратешки ориентир.

Во Бангкок плоштад нема. Тоа е првата информација што ја научив за овој град. Помалку чудно за многумина од нас, чиј ментален склоп е испреплетен низ евроцентрични конвенции. Чувството е налик Панглос во делото „Кандид“ на Волтер кога открива дека реалниот свет можеби не е најдобриот од сите светови. Приближно така суштествува отклонот од униполарноста, најавувајќи свет во кој покрај катедрали и дуќани низ улици од калдрма, постои можност и да нема плоштад.

(Не)судената конституција на Чиле

Во драфт-верзијата на конституцијата на Чиле, на пример, нема место за идеите на Милтон Фридман. Тоа значи збогум на неолиберализмот и на сè она што значи институционален плод на западниот систем. Наспроти тоа, Чиле понуди устав расфрлан врз стотина страници кој застапува вредности и без да го прочитате – напишан е од еднаков број жени и мажи. Во обид да го сублимира националниот, но и човечкиот дух, уставот гарантира пристап до домување, храна, здравствени услуги, работен однос и чист воздух. Уште еднаш, чист воздух. Благодарение на цело едно поглавје кое утврдува дека „животната средина има права“, животните се класифицираат како субјекти со посебна заштита од државата. Сите животни.

Повеќе од 70 отсто од чилеанското население плебисцитарно се изјасни за промена на уставот како одраз на антагонизмот кон ерата на Пиноче. Оние 62 отсто што гласаа против првата верзија на уставот, поттикнати од конзервативното ткиво во Чиле, кое опонира можност за автономија на регионите со домородно население, веројатно нема да го спречи бранот на мултиполарноста во земјата. Во секој случај, промените во Чиле се еклатантен пример за пркосот кон едностојниот свет.

Војната во Украина

Нешто за што најмалку се зборува во врска со војната во Украина е позиционирањето на државите во развој, во смисла заземање став (повеќе отколку страна). Вкупно 35 земји членки на ООН апстинираа од гласање за резолуцијата со која се осудува руската инвазија врз Украина, додека 58 земји одбија да гласаат за резолуцијата со која се исфрла Русија од Советот за човекови прави на ООН. Причините се во изобилие, но основата е заситеноста на земјите од светот со проблемите на Западот. Сето тоа зачинето со антиимперијалниот сентимент на Јужна Америка, на Северна Африка и на Источна Азија, придонесува за резервираноста кон динамиките на актуелниот поредок. Ако на ова додадеме дека меѓу земјите што одбиваат да поддржат која било страна се и Индија, Бразил, Јужна Африка, Пакистан и формално Кина, заклучокот е дека повеќе од 80 отсто од светската популација одбива да биде дел од проблемот „Украина“.

Министерот за надворешни работи на Индија во една изјава истакна дека „Европа треба да престане да мисли дека проблемите на Европа се и проблеми на светот, а проблемите на светот не се проблеми на Европа“. Светот веќе се дели по хоризонталната граница во должина на северната и јужната хемисфера, а не на „Исток“ и „Запад“. Причината овој пат не е идеологија, туку заситеноста од истрошените потенцијали на униполарниот свет. Последен пат кога земјите од јужната хемисфера одбраа страна, тоа значеше чартер лет кон хаос.

Еднојазичноста на двојните стандарди

Жижек е во право кога вели дека за да воспоставиме поредок што ќе гарантира мир потребно е сите засегнати страни да го говорат истиот јазик, особено кога станува збор за концепти како слобода и окупација. Недозволиво е пропагирањето дека и Русија и Украина ги ослободуваат градовите низ Украина. Во тој судир на вистини, заклучокот е дека Русија окупира, како што тоа го правеше САД низ разни интервенции во 20 век (Виетнам, Југославија, Кореја, Авганистан итн.). Додека Русија тоа го прави со цел за територија, САД го спроведуваа во име на идеологија. Во двата случаи, се работи за окупација. Во тој контекст, Украина не би смеела да се компарира со Израел (изјавите на Зеленски), бидејќи во таквата споредба Украина соодветствува со Палестина, доколку смета дека е под окупација од Русија. Во спротивно, ќе надвладее јазикот на двојните стандарди дури и кај жртвите на самиот поредок.

Под закрилата на ваквите случаи се наоѓаат и многу други војни за кои светот ја конзервирал својата пасивност. Битките во Либија, конфликтот во Нагорно-Карабах, ситуацијата во Јемен, инцидентите помеѓу Таџикистан и Киргистан, картелските битки во Мексико и др. На европскиот континент, пак, се води уште една војна од исклучителна важност, а таа е војната против мигрантите. Покрај нехуманиот однос, насилствата, силувањата и изгладнувањата, силен е напливот на индоктринација дека овие луѓе се и закана за животот и вредностите на овој континент. Од друга страна, постои морална обврска да се згрижат бегалците од Украина насекаде низ европскиот континент. Ваквиот развој на настаните ја поткопува сржта на актуелниот поредок, а со тоа и несомнено ја запечатува судбината на униполарноста.

Се враќам во Бангкок кој секогаш ме потсетува на онаа теза дека постојат и поубави светови од реалноста. Предноста на нациите кои се впуштаат во походот кон мултиполарноста е што повеќе немаат друг избор. Останатите сонуваат.

Најистакнат поддржувач на мултиполарноста не била ниту Кина, ниту Русија, ниту Индија, туку француската интелигенција. Таа сонува за мултиполарен свет од времето на Шарл де Гол, па сè до заминувањето од власт на Жак Ширак. Вистината е дека француската држава никогаш не се впушти во нишите за активна промена. Францускиот стремеж за „grandeur“ испари некаде во стратешкиот конформизам на официјален Париз.

Можеби затоа некогаш е подобро да немате плоштад.

(Авторот е политиколог)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот