Плитка поезија

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Исцрпувачката криза предизвикана од пандемијата на подмолниот вирус влегува во опасна фаза кога политичките власти, не можејќи да го смират галопирачкиот број на нови и нови жртви ниту да го запрат слободниот пад на економијата посегнуваат по пресметување со „домашниот непријател“, но и ја загрозуваат регионалната стабилност.

На Западот, ситуацијата е релативно мирна, со повремени полициски интервенции против најразлични изблици на гнев на граѓани истоштени од мерките за изолација или од губењето на работните места, нервите и довербата во системот.

Но, затоа од Африка преку Јемен до Мјанмар пламнаа војни и судири во кои гинат стотици луѓе. Презафатени со сопствените проблеми како да се извлечат од огромниот број жртви на пандемијата, земјите на кои рефлексно помислуваме кога ќе кажеме „меѓународна заедница“  речиси и да не реагираат на овој оган, освен со некое соопштение со критика или осуда, па и санкции од типот „повеќе нема да им продаваме оружје или муниција“.

Но, огнот веќе се приближува и на мошне незгодно место, каде што седум години тлее жарот на војната. Низа извештаи укажуваат дека Русија распоредува војници до границата со Украина, каде што неодамнешната војна и не е баш завршена и речиси секојдневно има инциденти и престрелки, дури и со артилерија. Русија најави воени вежби во регионот и довлечка тенкови, топови и хаубици. Генерали од Пентагон се сомневаат дека ова концентрирање на тешко оружје може да е и „нешто повеќе од воена вежба“. Пред неполни две недели при топовски оган од позиции на проруските сили во Донбас загинале четворица украински војници.

Русија, пак, ја префрла одговорноста на спротивната страна и предупреди дека засиленото присуство на НАТО на нејзините западни граници може да предизвика ескалација на конфликтот во Донбас, во кој Украина „би била уништена“.

– Украинските провокации може да ескалираат до војна. Не сакаме да го видиме тоа. Мислам граѓанска војна, каква што веќе имаше таму – порача Кремљ преку портпаролот Дмитриј Песков.

Во првиот телефонски разговор со украинскиот колега Зеленски, Бајден му понуди силна поддршка од САД. Америка е најмоќниот сојузник на Украина, која и географски и историски е во незгодна ситуација – ниту на Исток ниту на Запад. Поради огромното влијание од Москва и стратегиската позиција, таа не може да се придвижи кон Европа и НАТО, кои ги смета за потенцијални заштитници.

Но, Западот практично не стори ништо за да ѝ помогне кога Русија преку ноќ го анектираше Крим во 2014 година. Киев и меѓународната заедница се уште го сметаат Крим за составен дел од Украина. А, на прашањето како Украинците повторно би воспоставиле власт врз овој стратегиски полуостров, никој во Киев, а уште помалку на Запад, не сака да даде одговор.

Со преговори и мировна конференција? Со нов референдум? Со преземање на сила? А тлее и во Донбас, кој е дел од Украина, а во кој владејат и воено парадираат Руси лојални на Москва.

Украина и по друга линија е интересна за новиот американски претседател. Неговиот син Хантер таму има бизнис, кој можеше скапо да ги чини и Џо Бајден и Доналд Трамп во периодот кога се остреа за меѓусебен дуел. Трамп доби импичмент токму поради телефонскиот разговор со Зеленски, во кој, според слободно толкување, ја условуваше ветената помош од 400 милиони долари од Вашингтон за Киев со изнаоѓање некаков скандал со фирмата на Хантер Бајден во Украина. Мандатот на Трамп му заврши, а остана недоразјаснето дали неговата мека политика кон Москва била поради хакерско-разузнавачката поддршка што во 2016 година му овозможи да стане претседател.

Америка има премногу свои проблеми за да ризикува опасно конфронтирање со Русија заради Украина, но и не може и не смее да го напушти својот сојузник. Ова е првиот навистина голем испит за Бајден на меѓународната сцена. Дали ситуацијата ќе ескалира кон војна или ќе се смири кон мир зависи пред се од рускиот претседател Путин, кој поради својата политичка војна со Алексеј Навални се соочи со масовни протести во стотина градови низ земјата. Слична беше ситуацијата во Русија и во 2014 година, токму спроти интервенцијата во Украина.

Бајден се труди да наметне поостар однос кон Русија, но некако не му поаѓа од рака. Најдалеку што стигна е што го нарече Путин „убиец“. Дури и се спушти на потпросечно ниво на својот претходник кога описно раскажа дека „се загледал во очите на Путин и длабоко во нив не видел душа“. Таквите погледи на кризата не се ништо повеќе од плитка поезија, која тешко дека ќе ѝ помогне на Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот