Плишани мечиња, облека, ножеви, пари, автоделови – привремено запленија цариниците (ФОТО)

Цариниците, за две недели, спречиле повеќе обиди за криумчарење разна стока, задржале пари, автоделови, облека, кујнски ножеви и фалсификати.

На Германец привремено му се одземени 4.000 евра, бидејќи според законот, од државава не смее да изнесува износ повеќе од 10.000 евра.

– На излез од државата се пријавил германски автомобил со кој патувале двајца германски државјани. На прашање на царинските службеници, двајцата патаници изјавиле дека со себе носат по околу 3.500 евра, но при извршениот личен претрес, во рачна ташна на сопатникот, биле пронајдени 14.000 евра за кои не поседувал документ за потекло или потврда за пријавени парични средства при влез во државата – соопштуваат од Царинската управа.

Во друг случај, пак, македонски државјани рекле дека немаат што да пријават за царинска контрола, но при извршениот личен претрес, но, во неколку коверти и еден паричник сместени во внатрешноста на едно ранче, биле пронајдени 18.100 швајцарски франци и 10.000 евра. Согласно законските прописи, на патниците им биле вратени девизи во противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 6.000 швајцарски франци биле привремено задржани, велат од Царина.

Во двата случаи, поднесени се барања за поведување прекршочни постапки.

Вкупно 106 кујнски ножеви вредни околу 470 илјади денари, најдени на скопскиот аеродром, при рентгенска контрола на куферот на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените ножеви се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка, велат од Царниа.

На граничниот премин Табановце, пронајдени се 15 парчиња делови за патнички возила и моторцикли, вилушки, стабилизатор и гумени делови за Алфа Ромео и издувни системи за моторцикли YASUNI и POLINI. Ова било најдено при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата. Непријавените делови, цариниците ги виделе во картонски кутии сместени во багажникот на возилото и покриени со куфери. Деловите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

При контрола на камион управуван од македонски државјанин на граничниот премин Ново Село, откриени се 8 употребувани алуминиумски бандажи со гуми.

На скопскиот аеродром откриен е еден тестер за турбини за возила и еден кабел за истиот, марка Actuator Tester programmable, при контрола на куферот на македонски државјанин кој допатувал со лет од Лондон.  Патникот првично тврдел дека апаратот бил купен во Македонија и дека не знаел дека треба да го пријави при излез од државата, но при контрола на неговиот личен ранец била пронајдена фактура и сметка со износ од 2.700 британски фунти. Непријавените производи се привремено задржани а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

На граничниот премин Богородица, царниците при контрола откриле 57 парчиња женска облека, јакни, палта, блузи и џемпери. Биле сместени во 7 најлонски кеси во кровен багаж и позади средните седишта. Облеката е привремено задржана, а против возачот, кој се пријавил како сопственик, ќе биде поведена соодветна постапка.

На Блаце, пак, 54 пара тренерки се одземени при контрола на автобус. Производите биле најдени во тоалетот на автобусот и се задржани, а против совозачот кој се пријавил како сопственик, е поведена прекршочна постапка.

60 плишани играчки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Кина, наменета за фирмата увозник Флорис Доо од Кочани, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност, соопштија од Царинската управа.

Мобилните царински тимови, во два одвоени случи, откриле 47 илегални мигранти. Во првиот случај, на автопатот Велес – Скопје, за контрола бил сопрен камион а во приколката биле најдени 45 илегални мигранти без документи. Во вториот случај, исто така на автопатот Велес – Скопје, биле забележани двајца илегални мигранти кои пешки се движеле во правец кон Велес. Мигрантите не поседувале документи за идентификација, но според нивната изјава се работело за државјани на Пакистан. Од царината информираат дека мигрантите се предадени на полицијата за понатамошна постапка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот