Плејоф, финална серија: Осоколениот Пелистер оди по брејк кај МЗТ Скопје Аеродром

фото: Кошаркарска федерација на Македонија

Битолчани вечерва му гостуваат на ЗМТ Скопје Аеродром во третиот меч од финалната серија на плејофот. Пелистер се радуваше во Битола во неделата и со победата ја израмни серијата на 1-1 во мечеви, зголемувајќи ја неизвесноста.

МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер вечерва во Скопје, во салата „Јане Сандански“ (19 ч) го играат третиот меч од финалната плејоф серија која се игра во три добиени средби. Во првиот меч што се играше во Скопје домаќинот се радуваше на убедлива победа од 91-76. Во втората средба во Битола завчера домашните го возвратија ударот и го совладаа актуелниот шампион со 82-79, враќајќи ја неизвесноста во серијата, која сега е изедначена 1-1 во натпревари.

МЗТ Скопје Аеродром смета дека во третиот меч на свој терен пред своите фанови ќе го врати водството, но битолчани, по победата во втората средба се оптимисти дека имаат реални шанси да направат брејк. Стојан Ѓуроски открива какво е расположението во таборот на предизвикувачот, кој се бори за својата прва титула државен шампион.

– Сметам дека имаме реални шанси да направиме брејк во Скопје во третиот меч. Првиот меч во Скопје го изгубивме, ајде да кажеме, убеливо. Домашниот тим имаше шут со речиси 60 отсто ефикасност од линијата за три поени. Ние промашивме многу слободни фрлања. Мислам дека тоа го реши првиот меч. Во вториот меч ги поправивме грешките од првиот, најмногу во одбраната. Одигравме квалитетен натпревар против многу добра екипа и дојдовме до посакуваната победа пред нашата публика. Мислам дека тоа ни значеше многу ментално и ни даде ветар во грбот за да имаме сила за третиот меч – вели Ѓуроски, според кого тимот на Пелистер е исцрпен, но, не е без полет.

– Многу сме уморни, пред се поради трите меча со Еуроникел (од полфиналето н.з.), па сега и овие два меча со МЗТ Скопје. Се игра секои два дена. Но како и секогаш досега, оваа сезона ќе најдеме сили за да изиграме квалитетен натпревар. Знаеме дека ќе биде тешко, но како што покажавме цела година, не се предаваме и одиме на победа – вели Ѓуроски. Одбраната ќе го реши денешниот меч во Скопје, како и целата финална серија, вели Стојан.

– Клучно за мечот во Скопје, се знае, ќе биде одбраната. Таа победува во финалните мечеви. Во второит меч се играеше напнато и грубо. Мислам дека ќе биде така и во третиот меч. Кој ќе изигра подобра одбрана во овој меч тој ќе се радува на победата – вели Ѓуроски.

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ, го цени противникот, но сепак ја истакнува репутацијата на својот тим. Според него психолошката цврстина ќе го одлучи победникот во серијата.

– Играме против квалитетна екипа која до пред неколку кола беше прва на табелата. Ова е финале. Се подготовуваме психолошки. Кој ќе биде психолошки посилен тој ќе ја добие серијата. Третиот меч го играме дома. Но МЗТ Скопје е МЗТ Скопје и на секој меч оди на победа, без разлика каде се игра – вели Петровиќ.

МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер досега оваа сезона одиграа вкупно шест првенствени меча, заедно со финалните, во кои скорот е 33. Во редовниот дел од сезоната, битолчани го добија првиот меч во првенството со (82-79), потоа и оној наредниот, во „Јане Сандански“, уште поубедливо, со резултат (93-78).

Но аеродромци беа далеку подобар противник во мечевите од Суперлигата. Во третото одмерување на силите, на свој терен победија со (95-76), а во последното коло, ја освоија Битола со сигурни (88-79), за израмнување во тие дуели на двата финалисти.

Видео на денот