ПЛАТО: Кучешки креации како културно наследство

Кога кон крајот на седумдесеттите, како апсолвент по архитектура, го разгледував Париз, живо се сеќавам дека улиците на „градот на светлината“ ги чувствував интимно и присно, безмалку како да шетам по Скопје или по републичките центри на родна Југославија. Тука, се разбира, не мислам на спомениците на француската грандоманија или на архитектонските слоеви на пребогатата империјална и културна историја на градот, туку на тротоарите, јавните и комерцијалните простори по кои талкав. Тие беа лефтерно покриени со прашина, ситен отпад од храна и други траги од небрежноста на милионската армија на жители и посетители на градот. Имам цела галерија тривијални слики во главата на денес незамисливи детали од евтини линолеумски подови во култните стоковни куќи во улицата „Лафает“, поткренати, излижани и на места искинати и невешто крпени…

Кога неполни десет години подоцна, отидовме на една голема смотра на архитектонски школи што се одржуваше во Париз, нѐ  затекна сосема друга состојба на париските улици. Деценијата неолибералистичко богатење на француската метропола не ни остави ништо што би го почуствувале како свое. Во градот и понатаму уживавме, хранејќи ги очите со неговиот единствен и луксузен урбанитет, но улиците веќе не ги чувствувавме присно. Бевме сиромашни странци од далечна провинција, професионални талкачи по улици и трагачи по архитектонски убавини, чиешто несреќно туристичко самочувство беше грубо повредено од новиот обичај на париските домаќини везден да шетаат по родниот град со нивните кучиња. Бројот на овие домашни миленици беше навистина неверојатен, а последицата од оваа тогаш свежа и ненадејна париска манија немилосрдна: Париз беше толку густо покриен со кучешки фекалии, што не постоеше начин да се разгледува архитектурата со крената глава, а на секој петти чекор да не се зацапа во некоја кучешка креација! А, тие – креациите – беа на висина на градот на уметноста: густи и светкави како печатарски бои, и – нема да верувате – исто толку пигментирани!? Кога се вративме, читавме стручни статии за тоа како оваа нова појава станала нерешлив проблем за градските власти и нивните комунални служби за одржување на јавната хигиена.

Јавен кучешки нужник

Во моето следно шетање по париските улици, некоја година подоцна, атмосферата беше агилно сменета, а талкањето ми го нарушуваа роеви на лесни комунални мотоцикли со специјални алатки за собирање на кучешки гомца. Градот мобилизирал цела армија на моторизирани, подвижни специјални единици, со цврста решеност да ја победат фекализацијата на градот. Не можам да се пофалам на нашата македонска реакција на овие очигледно неефикасни усилби: денес се срамам, но тогаш се ситевме на богаташкиот аздис што Париз го претвори во јавен кучешки нужник. Но, веќе некоја година подоцна – на мое силно изненадување! – градот го затекнав речиси потполно „заздравен“ од епидемијата на кучешки фекалии. Градските власти, по повеќе неуспешни обиди, донеле строги прописи со кои шетачите на кучиња станаа одговорни да го соберат самите во специјална ќесичка – со специјална ракавица и лопатка – она што нивните миленици го оставаа зад нив. Бројот на луѓе со кучиња, веројатно поради силните мерки и ефикасната контрола, беше значително намален, а градот безмалку чист. А, во моите последни шетања по Париз и акрибични душкања по неговите фантастични тротоари, пред некоја година – не знам, можеби сум бирал погрешно време за шетање? – не успеав да видам ниту една единствена кучешка креација. Мојата реакција на беспрекорно чистите тротоари повторно беше неумесна и срамна: почувствував чудна завист кон таа за нас толку несфатливо ефикасна и недокучива урбана цивилизација!

Оваа париска кучешко-фекална сага, почитувани читатели, ви ја раскажувам како пример за урбана цивилизација која се развива според премиси дијаметрално различни од нашите. Додека тие се заедница што ги решава своите проблеми, ние цврсто се определивме да ја следиме потполно обратната историска стратегија: ние своите проблеми – како што се, на пример, фекалните планини врз нашите јавни простори – првин ги нормализираме, значи се навикнуваме на нив, потоа ги нормираме, ги претвораме во закони, па ги прифаќаме како елементи на националниот идентитет, за на крај да ги негуваме како традиција, менталитет и културно наследство. За потоа, се разбира, да направиме пат за нов слој на нормални, легитимни и блиски на нашите „вековни стремежи“ – планини од гомна.

Негибнати за вечност

Нашата хронична неподготвеност да се фатиме во костец и да решиме проблем што сме го создале или наследиле, грешка што со својата очигледност секојдневно ни ја гребе очната рожница, ми е сѐ понеподнослива! Всушност, оваа национална декапацитираност ме погаѓа толку повеќе, колку што таа упорно опстојува! Несрушените градби оставени насред сообраќајни магистрали, криминалните дивоградби што се издигаат од уништените зелени простори и од некогашните јавни простори, на падините на Водно и во коритото на Вардар; злосторничките споменици на вмровскиот фашизам во центарот на Скопје, приватизираните и преградени тротоари, малоумните сообраќајни решенија, целата нефункционална и буквално малоумна правна инфраструктура на државата… сите тие фекалии што сме ги оставиле – ние или нашите партиски миленици – стојат подготвени за вечност и негибнати во јавниот простор!?

Па, ние не можеме да кренеме поглед кон родното ни небо, а да не зацапаме во овие културоцидни фекалии!? И, потоа, таа варварска ментална запустеност, ја носиме дома, залепена на нашите души како кучешко гомно на чевлите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот