Платите растат од митинг до митинг

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Ако се земе предвид статистиката на ССМ, според која 100.000 работници земаат минимална плата, како и фактот дека во државава со пензиско и со здравствено осигурување се вработени над 570.000 работници, излегува дека секој шести работник е на минимална плата!

Кампањата, неофицијална, за локални избори е во полн ек. Сите нешто ветуваат, сите нешто копаат. Сега му е мајката за поплаки за дупките, за неасфалтираните патишта, за автoбускиот превоз… Ако сега не слушнат, нема кога. Просто да посака човек постојано да биде во предизборен грч, само тоа да не чини пари, да не значи реално загубено време за сериозни проекти и да не значи работи направени набрзина, во стилот „држи воду, док мајстори оду“.

Партиските каравани се полни и со ветувања за тоа што ќе се случи. А, најекспонираната тема не е урбанистичка, иако ни претстојат локални избори, туку се платите – вечната болка на македонскиот народ. Деновиве сме сведоци на вистински меѓупартиски натпревар за тоа кој колку поголема плата ќе им обезбеди на граѓаните (како партиите да ги даваат платите), како и на меѓусебни обвинувања за ниските плати во минатото.

Но, мандатот на СДСМ, сепак, покажа дека предизборните математики може нешто позитивно да донесат. Зголемувањето на минималната плата од 9.000 денари до сегашните над 15.000 денари е нешто во што малкумина веруваа на почетокот на мандатот на СДСМ. Тешко беше за верување и дека нето-платата ќе стигне до 30.000 денари, но за мај таа е 28.721 денари и, да не беше корона-кризата, веројатно ќе достигнеше до 500 евра.

Но, вистината секогаш има лице и опачина. Овој пат, опачината е во инфлацијата и во нееднаквоста. Поразувачки звучи статистиката што ја презентираше ВМРО-ДПМНЕ дека во услови кога просечната нето-плата е над 28.000 денари, дури 65 отсто од вработените земаат плата помала од 25.000 денари. Уште попоразителен е податокот за минималната плата што го презентираше Сојузот на синдикати.

Синдикатот тврди дека поради непочитување на законите и на колективните договори, минимална плата земаат 100.000 работници! Секако, факт е дека и оние што немаа минимална плата, со нејзиниот раст, влегоа во таа категорија. Всушност, кога се воведе минималната плата, таа опфати шеесетина илјади работници.

Ако се земе предвид статистиката на ССМ и фактот дека во државава со пензиско и со здравствено осигурување се вработени над 570.000 работници, излегува дека секој шести е на минимална плата!

Горчлива е партиската трка за плати кога толку луѓе се на работ на егзистенција. Секако, ниту една партија не може да им каже на газдите колку плата да им дадат на работниците. Но, сите сериозно треба да засукаат ракави за да создадат клима и механизми за повисоки плати – од образованието до инспекцискиот надзор за почитување на законите.

Засега од раната предизборна трка мерливи се закрпите на дупките, уредениот јавен простор и понекоја паметна идеја (ако се оствари). Во Крива Паланка почна хортикултурно уредување на новиот парк и плоштад, во струмичко Дабиле се реконструира спортско игралиште, пуштен е нов детски парк во Битола, се регулира коритото на реката Брегалница во Делчево, градоначалникот на Гостивар бара да се изгласа продолжено работно време  на угостителите, се пуштија некои сезонски линии за приградски автобуси што требаше да се пуштат уште на 1 мај, на ВМРО-ДПМНЕ му текна паметен проект – граѓаните да одберат за кој проект сакаат да се трошат парите што ги платиле за данок на имот…

Сѐ на сѐ, најдобро е на локалните избори да гласаме за уште едни избори. Што е сигурно, сигурно е, општинската администрација ќе се размрда, а некое маало ќе изгледа поубаво. А, за платите… Е тоа ќе видиме – колку ќе пораснат, колку ќе ги изеде инфлацијата, колку луѓе, токму поради тие плати, ќе се иселат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот